Женската ракометна репрезентација на Македонија од петок до недела во Скопје ќе одигра три натпревари од претквалификациите за пласман на Светското првенство.
Нашата селекција е во група со Исланд, Литванија и Грција и примарна цел е пласман во баражот за Мундијалот во Шпанија.
“Од сите три селекции со кои ќе се соочиме на овој турнир, најдобро го познаваме Исланд. Со оваа репрезентација откако сум јас на чело на нашиот тим сме одиграле три натпревари додека со Литванија и Грција не сме се сретнале, но добро ги анализиравме во овој период и сметам дека сме подготвени да им се спротивставиме. Треба секој противник да го почитуваме, не смееме да ги потцениме бидејќи сите имаме една цел, а тоа да се поминат овие претквалификации и што е најважно на секој меч мораме да играме на највисоко можно ниво”, истакна селекторот Симовски.
Националниот тим ќе биде комплетен веќе од утре кога на селекцијата ќе и се приклучи Матеја Серафимова која настапува во првенството на Израел.
“Здравствениот билтен е одличен. Сите ракометарки на првото тестирање беа негативни. Имаме одлични услови за работа и морам да кажам дека и организациски сме далеку на повисоко ниво од порано. Задоволен сум од формата на ракометарките, особено од оние кои настапуваат во Лигата на шампионките и Лига Европа. Имаме доволно време на овие подготовки да ја кренеме формата на и на останатите во екипата и целиот состав да биде максимално подготвен за предизвиците што не очекуваат од петок до недела”, заврши предводникот на нашата репрезентација.
Мечевите се играат во А1 арената Борис Трајковски и сите три наши дуели почнуваат од 12 часот.
ФОТО: Игор Паневски