И додека тече процесот за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје, актуелен e проблемот со изградбата на малите хидроцентрали, за чии штетни последици екологистите алармираа подолг период. Велат дека тие се причина и за проблемот со водоснабдувањето во градот под Шара, Тетово.
Каков ефект имаат врз водата, треба да одговорат инспекциите, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Тој истакна дека откако Шар Планина ќе стане национален парк, нема да има нови концесии за хидроцентрали, а ќе се разговара за повлекување на постоечките.
Според Нуредини, прогласувањето на Шара за национален парк ќе значи и прекин на дивата сеча на шумите, која со години е актуелна.
Инаку на вчерашната седница на Владата беше утврден текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, со цел обезбедување заштита на природни убавини и вредности, како и социо-економски развој во регионот. Вкупната површина која ќе биде заштитена е 62 705 хектари.
Данијела Билбилоска
