Македонската кошаркарска репрезентација попладнево го одржа и последниот тренинг пред утрешното заминување за Русија каде ќе ги одиграме завршните четири натпревари од квалификациите за Европското првенство.
“Добро, она што од најмногу стравувавме, двата теста за Ковид-19 поминаа во најдобар ред. На двата теста сите играчи беа негативни. И патуваме за Русија со комплетен состав. Со еден исклучок, повредата на Марко Симоновски кој дојде на подготовките повреден на последниот натпревар на неговиот клуб во последното коло од нашето првенство. Можам да кажам дека сум задоволен од овој период на подготовки. Направивме солидни подготовки во изминатите пет дена. Таму имаме уште два дена, што е малку. Меѓутоа повеќе во однос на останатите репрезентации, особено од нашата група од кои еден дел се собира дури утре”, изјави Тодоров.
Нашата селекција во Перм ќе има пеколен ритам. Во пет дена не очекуваат четири натпревари.
“Тоа е голем проблем, дефинитивно. Но така процениле во ФИБА, така решиле. Ние треба да го исполниме. Тешко е, навистина е тешко, особено што веќе имав можност да играм со мојот клуб еден таков ‘балон’. Односно да играме четири натпревари во пет дена, каде што беше навистина тешко. Особено што во тие услови, како клуб, дури и можеш и малку да тактизираш. Да одмориш некого. Ова е сепак репрезентација. Сакале или не, мора на секој натпревар да одиш на максимум”, заврши предводникот на македонската репрезентација.
Нашата селекција за Перм патува утре и во рускиот град пред почетокот на овој циклус македонските репрезентативци ќе одржат уште неколку тренинзи.
ФОТО: Игор Паневски