Македонскиот претставник во ракометната Лига Европа, Металург вечерва од 20 часот и 45 минути против Висла Плоцк ќе го одигра првиот од двата дуели со полскиот состав.
Поради проблемите со повредени играчи и ракометари кои пред тргнувањето и во последниве денови имаат позитивен резултат на тестирањето за коронавирусот, тимот од Автокоманда на двете гостувања во Полска ќе настапи само со 11 ракометари.
Откако вчера пристигнаа во Плоцк, нашите ракометари претпладнево имаа само еден тренинг, но и покрај сите проблеми избраниците на тренерот Оливер Димитриоски најавуваат дека и покрај фаворитскиот статус на противникот ќе се обидат да одиграат најдобро што можат, а младите ракометари да ја искористат укажаната шанса да бидат дел од еден меч во меѓународните натпреварувања.
Дополнителен проблем за тренерот Димитриоски е и фактот дека новото име во составот Василие Калуѓеровиќ нема да настапи на денешниот меч, но ќе има дозвола да биде во екипата за следниот натпревар во Плоцк што ќе се игра во вторник.
ФОТО: Игор Паневски