Пораки со оптимизам, ветувања, поддршка но и загриженост за безбедноста по денешниот министерски состанок за општи работи на ЕУ, пред лидерскиот самит. Унијата нема План Б по ветото кон МАкедонија од Бугарија а, а домаќинот на денешниот состанок Михаил Рот е уверен дека ќе се изнајде решение за преговарачката рамка најдоцна за време на португалското претседаталство по први јануари наредната година. Прашањето не е Дали ,туку Кога заклучи Рот изразувајќи разочарување од ситуацијата меѓу двете соседни земји.
Европската Комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоена. Би сакал да испратам малку оптимизам, само една земја не се согласи за преговарачката рамка, а таа рамка мора да биде прифатена од сите земји членки на ЕУ и од Северна Македонија. Прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат, рече Рот на прес конференцијата.
Процесот ќе се турка е ветувањето на Рот пред крајот на мандатот на Германија, а такво ветување добил и од наследничката Португалија.
Нема потреба од план Б за Северна Македонија, прашањето е само кога, и сигурен сум дека ќе се надмине ова. Ова за мене е и лично разочарување, како и за самата канцеларка (Меркел), ние сме посветени, но не бевме доволно успешни, почувствував огромна поддршка од другите земји членки, а португалското претседателство рече дека ќе се заложи. Можете да сметате на поддршката на федералната влада на Германија дека ќе продолжи да притиска, увери Рот.
Со поостра реторика изутринава Рот порача дека запирањето на напредокот на Северна Македонија кон е ЕУ е тешка политичка грешка и дека Бугарија е осамена во блокадата, а останатите 26 членки не се согласиле со нивните билатерални барања, а не ја криеше и загриженоста за загрозување на безбдноста на регионот и Европа.
Како претседавач со ЕУ правиме сѐ што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни“, изјави Рот во обраќањето пред денешната видеоконференција на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Рот го води последниот состанок на министрите под претседателство на Германија. Во новата година оваа обврска ја превзема Португалија. Бугарија го блокира усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, бидејќи останатите 26 земји членки на ЕУ не се согласуваат бугарските барања за негирање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет да бидат вметнати во рамката, Европската унија го тргна прашањето за проширувањето од дневниот ред во пресрет на денешниот состанок на министрите за надворешни работи и лидерскиот самит закажан за оваа недела.
Павле Беловски