Македонија Најважни

Заев: Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател

Премиерот Зоран Заев вели дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, заедничко минато кое ги поврзува двата народа. Тој ова го кажа во интервју за бугарската агенција Бгнес.

„Ние немаме споделена историја, ние немаме вкрстена историја, ние имаме заедничка историја. И таа е заедничка. И од таа историја, од неа се создале и македонскиот и бугарскиот, и Македонскиот јазик и Бугарскиот. И Бугарија тоа го признава. Прашањето е како да бидеме мудри да ги решиме низ историските комисии, ама и ние политичарите да помогнеме тие историски заеднички моменти, да ги цитирам онака како што ги испишала историјата и да ги искористиме да ни бидат нишка за поврзување“, вели Заев.

Заев во интервјуто зборува и за историските прашања, кои Бугарија ги смета за спорни и за кои македонските и бугарските историчари се уште не можат да се согласат во заедничката Комисија за историски прашања.

Заев вели дека Гоце Делчев е револуционер кој се борел и за Бугарија и за Македонија и дека тоа е реалност.

На прашањето дека македонската држава е подготвена да ги отвори тие страници и народот во Македонија да разбере што се случувало, Заев со одговор:

„Ние веќе, мислам дека има преку 20-тина табли во државата сменето каде што стои „бугарски фашистички окупатор“. Тоа не е така! Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател. Имало некогаш, некоја администрација, во тој момент на почетокот. После тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје и во целиот овој дел“, вели Заев.

Околу она што Бугарија го смета за комунистички режим и за жртвите на овој режим, Заев вели дека Собранието усвои декларација со кои се осудуваат тие акти на комунизмот, но додава дека Југославија ги држела одвоени Македонците и Бугарите.

„Кога ни било тешко, заедно ни било тешко, кога ни било добро, заедно ни било добро. Да ги најдеме тие работи кои што не поврзуваат, затоа што ни е должност на сите граѓани а особено на нас политичарите најмногу, да ги направиме блиски нашите народи, затоа што долги години, децении ги држеа далеку. Различни власти, пред се за врме на поранешна Југославија, пред поранешна Југославија. Ние треба да бидеме заедно заради тоа што сме први соседи“, вели Заев.

Во опширното интервју за БГНЕС Заев вели дека Македонија и Бугарија работат на Меморандум, кој би можело да ги реши отворените прашања меѓу двете земји, а кои би значел и отстранување на бугарската блокада на македонските евро-интеграции. Тој вели дека во документот јасно пишува дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, дека не се меша во внатрешните работи на Бугарија и дека нема малцински претензии.

Заев очекува европски исчекор од Бугарија во однос на Македонија и додава дека во интерес на Македонците е да се унапреди и целосно да се спроведе Договорот со Бугарија.

Марија Дивитарова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЈО: Пријавен случај на поткуп во Делчево

Дејан Дејан

Излезноста до 13 часот е 26,35 отсто

Дејан Дејан

Ангеловски: Пронајдена испукана димна бомба на избирачко место во Чаир, две лица ги фотографирале гласачките ливчиња

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе