Серија земјотреси од утрово во западниот дел на Македонија. Досега се регистрирани најмалку 7 земјотреси со јачина од 2,7 до 5 степени по Рихтеровата скала.

Во вториот по сила, земјотрес кој околу 15:25 го погоди западниот дел на државата, настрада патот кон Дебар, кај термоцентралата. Одрон од камења е паднат на патот кој Дебар го поврзаува со Маврово и понатаму со Скопје и сообраќајот е во прекин. Фотографии од местото беа објавени од порталот Долно Косоврасти. Надлежни служби почнаа со разчистување на патот.
Во Дебар е почувствуван силен потрес, но нема поголеми штети или повредени. Граѓаните се вознемирени.

Месната заедница Галичник објави фотографии на кои се гледа како се оштетени куќи во ова село. Земјотресот предизвикал пукнатини во ѕидовите и раздвојување. Нема посериозни штети и урнати објекти, а не се пријавени ниту повредени.
Во Маврово пак земјотресот оштетил и куќи, но и локалниот водовод. Водата за пиење е заматена поради што локалното комунално претпријатие упати известување дека водата не е безбедна за пиење.
Земјотресите почувствувани и во Гостивар, објави сеизмолошката опсерваторија на ПМФ.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид,Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на 11.11.2020 година во 15 часот и 25 минути, регистрира уште еден земјотрес од епицентралното подрачје Гостивар-Тетово со епицентар на 50km југозападно од Скопје. Земјотресот беше со локална Рихтерова магнитуда ML5.0.
Според досегашните податоци земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, Дебар и Кичево со интензитет V, во Тетово и Скопје со IV степени, а во Струга, Охрид, Битола, Прилеп и околината со III-IV степени според истата скала, соопштија од опсерваторијата.
Земјотресите се почувствувани и во Кичево, Прилеп, Битола, Тетово и во Скопје.
Дополнување: Околу 17:00 часот во истото подрачје е регистриран уште еден земјотрес со јачина од 4 степени по Рихтеровата скала. Ова е 8-ми земјотрес по ред од утрово.

Состојба во 17:32. На мапата преземена од emsc.org се гледаат проценетите места каде е епицентарот на потресите.
