Компанијата Фајзер, која пред два дена соопшти дека нивната вакцина против ковид-19 е ефикасна денеска објави спот во кој се објаснува како функционира вакцината. Како прво не е направена со вистинскиот коронавирус. Наместо тоа, користен е генетски код наречен mRNA кој ја обложува површината на коронавирусот. Потоа со инјектирање на вакцина која го содржи тој код, клетките на телото создаваат дел од безопасните протеини. Дозата на вакцината е доволно за да реагира имунолошкиот систем, подготвувајќи го да реагира доколку подоцна се сретне со вистински вирус.
По најавите за ефикасност поголема од 90 % научниците советуваат на претпазливост, но не го кријат и оптимизмот. Професорот по медицина на универзитетот во Оксфорд, Џон Бел, во изјава за Би Би Си вели дека вакцината има „чудесна ефикасност “и оцени дека светот до пролет веќе може да се врати во нормала“.
Потенцијалната вакцина на „фајзер“ досега е тестирана на повеќе од 43.500 волонтери, во шест земји од кои 38.955 на 8 ноември ја добија и втората доза.
Вакцината ефикасно штити од коронавирус седум дена по втората доза. Оптимизам владее и меѓу доброволците кои веќе ја примија вакцината.
- Сите навиваме едни за други како што течат испитувањата за вакцини. Мислам, сите сме во ист тим- Џеф Потоф, доброволец за примање на вакцина.
- Секој што ќе стигне прв на целта и ќе може да не вакцинира и да се нормализира животот, јас сум тука. Затоа мислам дека е охрабрувачки – Меги Бишоп, доброволец за примање на вакцина.
Европската комисија одобри купување до 300 милиони дози вакцина против Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ и германската „Бајонтек“, откако беше објавино дека нивната експериментална вакцина има ефикасност од над 90 проценти во спречување на Ковид-19.
Истражувачките лаборатории и фармацевтски компании веќе го составуваат правилникот за времето кое би било потребно за развој, тестирање и производство на ефективна вакцина. Се преземаат првите крупни чекори за да се обезбеди достапност на вакцината во светски рамки. Но, постои загриженост дека и оваа трка ќе ја добијат најбогатите земји, а на штета на најранливите. СЗО соопшти дека не очекува да има широко распространета вакцинација против Ковид-19 до средината на 2021 година.
Бројот на нови случаи на коронавирус во светот минатата недела се зголеми за повеќе од 3,6 милиони, што е најголем број за една недела од почетокот на пандемијата.
Бројот на смртни случаи во тој период се зголеми на 54.000, што е за 9.000 повеќе отколку во претходната недела..
Повеќе од половина, 54 проценти од новите случаи биле пријавени во Европа, како и 47 проценти од смртните случаи.
Билјана Ставрова
