Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска отпатува за Охрид каде во следниве седум дена ќе се подготвува за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Пред заминувањето за Охрид избраничките на селекторот Владимир Ѓоровиќ ги направија неопходните тестирања на Ковид-19 и веќе од попладнево ќе почнат со тренинзи во салата на СРЦ Билјанини извори.
“Наша основна цел, пред сè, да бидеме многу, многу подобри отколку во првиот ФИБА ‘прозорец’. Противниците да почнат да нè респектираат. Што подолго да сме ‘внатре’, во натпреварот, без жолти минути. Да отскокне некој од младите играчи и над се, да го зајакнеме и да го правиме култот на национален тим. Би сакал да ја споменам големата желба на репрезентативните кандидатки. Да се подготвиме што е можно подобро за турнирот во Летонија. А исто така да ја искажам пофални зборови за нашата федерација која вложи многу труд за да оформиме најдобар можен состав и да ни организираат вакви подготовки и патување што во време на оваа пандемија не е воопшто лесно”, изјави селекторот Ѓоровиќ.
На пат за Охрид утринава, тргнаа: Нена Трајчевска, Матеа Николиќ, Ивана Кметовска, Ивона Пејковска, Сандра Лазареска, Драгана Јоловиќ, Сања Адамовска, Јована Петрушевска, Габриела Модева, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова.
Поради клупски обврски на националниот тим подоцна ќе им се приклучат Анџелика Митрашиновиќ, Софија Лазаревска и Девана Бонер.
Според одлуката на ФИБА нашите кошаркарки ќе бидат дел од турнирот во Рига каде на 12 ноември ќе се соочиме со Хрватска, а два дена подоцна противник ни е селекцијата на Германија.