Македонија

Партиите молчат, јавноста шпекулира

Многу шпекулации, но ниту една сигурна информација за состав на новата влада. Партиите не споделуваат детали од разговорите меѓу лидерите, па во јавноста се вртат сите можни комбинации. Од тоа дека е веќе договорена влада меѓу СДСМ, ДУИ и ДПА, до речиси сигурна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, само уште да ги убедат и Левица да им се приклучат.

Единствената сигурна информација стигна од ДПА. Јавно потврдија дека прифатиле да бидат дел од идната влада на СДСМ, но не откриваат дали е точно дека за возврат бараат да раководат со финaнсиската полиција. Градоначалникот на Студеничани на фејсбук напиша дека се формирани работни групи, а секретарите на двете партии ќе се договорат за деталите.

Од СДСМ тврдат дека имаат обезбедено мнозинство за составување на влада и дека тоа ќе се потврди следните денови кога ќе се добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски. Но, Заев на денешната средба со германската амбасадорка Анке Холштајн рекол дека се уште преговара.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ лажат дека обезбедиле мнозинство.

Арсовски ниту ги негира, ниту потврдува информациите дека имаат приближни ставови со ДУИ за влада, како и дека договориле опција за премиерско место. Мицкоски вчера изјави дека ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена. Доколку не успее, партијата останува во опозиција.

Заев деновиве имаше средби и со Ахмети и Села, но ни од тие средби нема епилог. Од Алијансата за Албанците велат дека деновиве очекуваат повторно средба со конкретни предлози. Заинтересирани се да бидат дел од владата, но без ДУИ.

Од ДУИ ги демантираа сите шпекулации. Партискиот портпарол тврди дека нема никаков договор ниту со  ВМРО-ДПМНЕ, ниту со СДСМ. Ахмети завчера, по конститутивната седница во Собранието размени остри реплики со Заев, кој претходно му порача дека не се добива премиер со 15 пратеници, велејќи дека не се добива ниту со 46.

Во меѓувреме, тече и десетдневниот рок, кој го имаат партиите да состават мнозинство. Претседателот Пендаровски најави дека нема да свикува консултации и нема да бара потписи, но ги повика лидерите слободно да побараат разговор, доколку обезбедиле мнозинство.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

Димитровска: Оформени се 45 предмети во врска на изборите од денот на нивно распишување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе