Ковид19 Македонија

Лекарите од „8-ми Септември“ бараат болницата повеќе да не биде Ковид-центар

Болницата „8-ми Септември“ да не биде повеќе Ковид центар и таа да почне да се враќа кон нормално функционирање е барањето на лекарите и останатиот медицински персонал од болницата кои изминатите четири месеци деноноќно работат во Ковид-центарот. Телма неофицијално дознава дека барањето на вработените е, за ковид пациентите да останат првиот кат каде инаку има централен довод на кислород и инфективното одделение, а другиот дел од болницата да се врати во нормална функција за останататите пациенти и работа на лекарите.

Министерот за здравство Венко Филипче за Телма ја потврди информацијата дека вчера имал средба со синдикатот на болницата „8-ми Септември“, на која присуствувал и првиот синдикалец на здравство, Љубиша Каранфиловски.

Имаат сосем легитимни барања и во овој момент тоа не е воопшто тешко или невозможно да почне да се организира. Барањата беа да се ослободи еден од зафатените катови од болницата за да може дел од вообичаената рабата, особено во делот на кардиологијата, да започне да се организира, онака како што се организраше и претходно. Тоа значи дека од сегашниот број кревети, 70-75 ќе продолжат да бидат наменети за пациенти заболени од Ковид, а останатите 20 да се ослободат, вели за Телма, Венко Филипче, министер за здравство.

Во тријажниот центар и одделенијата каде лежат ковид-заболените, ангажирани се сите 50-на интернисти од „8-ми Септември“, анестезиолозите  и тројцата инфектолози, како и сите медицински сестри од болницата, кои дежураат во смени од по 24 часа. Им помагаат невролозите и психијатрите од болницата, но велат оти тоа не е доволно и оти се на крај од силите. Дел од нив загрижени се и за пациентите кои претходно ги воделе, бидејќи загубиле секаков контакт со нив и во каква состојба се.

Tie добиле ветување од Филипче дека од септември болницата ќе се врати во нормална функција, но побарал малку време за да може тоа да се организира. Филипче во изјавата за Телма вели дека ги информирал оти во наредните 10 дена ќе почнат подготовките за ослободување на капацитети на „8-ми Септември“ пред се со активирање на модуларната болница до Инфективната клиника.

Целта е да започне нормалната работа на болницата од почетокот на септември, меѓутоа мислам дека и порано ќе бидеме подготвени, мислам дека дури некаде и на почетокот на август, изјави Филипче за Телма.

Освен враќање во нормална, вработените побарале и нивните дежурства на ковид одделенијата да се плаќаат исто онолку колку што им се плаќаат на нивните колеги на Инфективната клиника, односно двојно повеќе. И за решавање на ова барање добиле зелено светло од министерот.

Инаку вработени од „8-ми Септември“, за Телма велат, дека ќе истраат на своите барања, дури и да треба да спијат во шатори пред болницата, без оглед кој и да е на власт по изборите идната недела.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Две лица загинаа во тешка сообраќајка кај ТИРЗ Штип

Дејан Дејан

Бојмацалиев и Тошковски се обвинуваат, граѓаните два месеци чекаат пасош

Бојмацалиев: 508 кандидати за полициски службеници, ги подобруваме условите за обука со целосна реконструкција на Центар за обука во Идризово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе