Македонската кошаркарска репрезентација од денеска ги почнува подготовките за завршните два натпревари од квалификациите за пласман на Светското првенство.
Како и на претходните дуели селекторот Драган Бајиќ повторно ги нема на располагање сите кошаркари.
“Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа. Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча”, истакна предводникот на националниот тим.
Првиот натпревар нашата селекција го игра на 1 јули како гостин против Шпанија, а три дена подоцна во Скопје ни гостува Украина.
ФОТО: Игор Паневски