Вести Македонија Топ вести

Oбвинувања за предавство, закани со затвор и опсесија со голи функционери – пратенички прашања во собранието

Иронија, сарказам, обвинувања за предавство и закани со затвор од едната страна и психолошки дијагнози од другата на собраниската седница за пратенички прашања.

Лидерот на опозицијата Венко Филипче обвини дека за две години власт, владата не исполнила ниту едно од ветувањата, граѓаните осиромашуваат, буџетот е пред колапс, платите растат побавно од инфлацијата, а јавниот долг расте. Само лаги, изолација и партиски тендери, обвини Филипче.

Обвини за партизација во правосудство, закочени евроинтеграции и оти лошата состојба придонесува за иселувањето на младите.

„Ветивте иднина за младите, 70.000 нови работни места, намалување на иселувањето, а сега најавувате замена на нашите млади иселени со млади од други, од трети земји, подобар стандард, поддршка во образованието, домување и претприемништво, ама буквално нема ништо за младите во земјата. Секој трет човек планира да ја напушти државата, не затоа што не ја сака Македонија, туку затоа што не гледа можност тука да живее и да напредува“, изјави Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека оваа влада постигнала повеќе во овие две години, отколку претходните влади на СДСМ за шест години во секоја област. Ја обвини СДСМ дека од внатре ги нарушува македонските позиции во однос на евроинтеграциите.

„Зборувате за Европа. Се сложувам со вас, имаме проблем и се обидуваме од петни жили да го решиме проблемот и покрај тоа што имаме квинслинзи дома, коишто се обидуваат од внатре да ги нарушат позициите на оваа влада. Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија. Знаете зошто планира? – Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор, затоа што гледа таму како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор и да дадат одговор зошто се таму. Затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат како се смеете позади решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла“, вели Мицкоски.

Тој додаде дека веќе нема да ги разочарува граѓаните.

Филипче, пак, праша ако е толку добро, зошто граѓаните не го чувствуваат тоа.

„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери коишто плаќате да ги сликаат голи на плажа, јас веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја психологија“, рече Филипче.

Во изминатата недела, дел од медиумите објавија фотографии од поранешниот премер Зоран Заев на јахта во Паљури во Грција.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

За една година се издале 27 милиони рецепти што е зголемување за 8% – најмногу се трошат лекови за шеќер, желудник и за смирување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе