Вести Свет

Шефот на нуклеарната агенција на ОН вели дека инспекторите ќе ги посетат иранските нуклеарни локации како дел од договорот за завршување на војната.

Шефот на глобалното нуклеарно надзорно тело изјави дека ќе се спроведат инспекции во Иран согласно прелиминарниот мировен договор меѓу земјата и САД.

„Инспекциите навистина ќе се одржат“, им изјави на новинарите во Јапонија генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.

Многу скоро ќе работиме на деталите – датумите, процедурите и локациите.“

Тој додаде дека во договорот потпишан минатата недела „експлицитно“ е наведено дека разредувањето на високо збогатениот ураниум на Иран ќе се врши под надзор на агенцијата.

Сепак, заменик-министерот за надворешни работи на Иран изјави дека пристапот до оштетените нуклеарни постројки и нуклеарниот материјал ќе биде разгледуван само во рамките на конечен договор со САД.

Во последните денови се појави спор меѓу САД и Иран околу прашањето дали инспекторите на ОН за нуклеарна енергија ќе добијат пристап до локации во земјата.

Во понеделникот, по разговорите во Женева, со главниот ирански преговарач, американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс, изјави дека Иран „се согласил повторно да ги покани инспекторите на агенцијата во земјата“.

Следниот ден, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека немало „детални разговори“ за тоа и дека Иран нема намера да им дозволи на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија, пристап до нуклеарните објекти што беа бомбардирани од САД за време на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година.

Потоа американскиот претседател, Доналд Трамп, ги отфрли иранските „приговори и спротивни лажни тврдења“, велејќи дека земјата „целосно и безусловно се согласила“ на инспекциите.

„Се води војна со зборови. Едните велат ‘да’, другите велат ‘не’“, изјави шефот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси, додавајќи –„ги разбирам политичките изјави. Тие се дел од реалноста.“

„Но суштинската работа е дека има потпишан меморандум за разбирање од двајцата претседатели“, додаде тој. „Во него експлицитно пишува дека нуклеарните активности поврзани со нуклеарниот материјал и објектите ќе бидат под надзор на агенцијата. Тоа ќе се случи.

Гроси изјави дека инспекциите ќе се спроведуваат во соработка со иранската влада.

„Дали тоа ќе се случи задутре, за една недела или за десет дена е важно, но не и суштинско.“ – посочи Гроси

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе