Покрај нови имиња, владината реконструкција може да донесе и прераспределба на министерските ресори. Премиерот Мицкоски најави дека разговорите со коалициските партнери продолжуваат и неделава, а очекува целиот процес да биде заокружен и формализиран до крајот на викендот. Официјалните разговори во кругот на коалицијата започнаа во петокот. Од Влада вчера соопштија дека е комплетирана првата фаза. А, опозицијата и денеска продолжи со критиките до власта – од СДСМ велат „нова амбалажа, ист производ со поминат рок“ и обид да се продаде илузија дека нешто се менува.
„Во првите разговори можам да признаам дека преовладува конструктивен амбиент, во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби и очекувам тоа да бидат завршни, па во текот на викендот да се формализира сето тоа со имиња и со останати специфики. Инаку да, постои опција и за промена на ресори и за тоа е разговарано.“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Собранискиот спикер, Африм Гаши, на денешниот брифинг за медиумите изјави дека предлогот за реконструкција веднаш ќе влезе во процедура, штом го испратат од Влада. Претходно, премиерот Мицкоски најави дека до први јули, списокот со кадровски освежувања треба да се најде пред пратениците.
„Не можеме ништо да прејудицираме околу владиниот предлог за промени на кабинетот. Ако го добиеме предлогот до први јули, веднаш ќе биде во процедура и ќе свикаме седница во најбрз можен рок.“, рече Африм Гаши – Претседател на Собранието.
Во однос на актуелните политички пораки за можни предвремени парламентарни, спикерот вели дека принципиелно поддржува одржување на редовни избори, нагласувајќи ја потребата од политичка стабилност во државата. Но, ако мнозинството одлучи, Гаши вели дека нема да биде против.
Петар Догов
