Вести Свет

Кој е Енди Барнам – фаворит за преземање на премиерската функција во Обединетото Кралство?

Со освојување на место во Парламентот, водечкиот партиски ривал на Стармер, Енди Барнам, може и формално да ја започне постапката за преземање на лидерската позиција на Лабуристите.

Тој веќе и ги потврди своите амбиции за преземање на премиерската функција.

По бурното политичко минатото, во кое беше сметан и за аутсајдер и за политичар кој често ги менува ставовите, Барнам во изминатите неколку години, стана еден од најомилените политичари во Велика Британија.

Пред да стане градоначaлник на Манчестер, функција со која ги освои симпатиите на гласачите, 16 години беше во парламентот, и беше дел од владите на Тони Блер и  Гордон Браун, искачувајќи се на позицијата министер за култура, медиуми и спорт.

Како министер за култура, беше исвиркан на одбележувањето на 20-годишнината од трагедијата на стадионот Хилсборо, во која загинаа 97 навивачи на Ливерпул во 1989 година. Овој настан го поттикна потоа да го покрене прашањето во владата, што придонесе за започнување нова истрага за катастрофата.

Неговото доаѓање на функцијата градоначалник на Манчестер во 2017 година му овозможи во голема мера да се држи подалеку од фракциските војни што ги потресоа Лабуристите за време и веднаш по водството на Корбин. Како резултат на тоа, тој не е поврзан со тој период од левото крило на партијата, кое го презира Стармер за тоа што ја премести партијата во центарот и го собори Корбин.

За време на неговиот мандат, економијата на областа на Голем Манчестер доживеа бум, го подобри јавниот превоз и започна голема програма за домување. Граѓаните ги почувствуваа промените во нивниот секојдневен живот.

Двапати неуспешно се кандидираше за лидер на Лабуристичката партија, во 2010 и 2015 година. Првиот пат заврши четврти од пет кандидати, а при вториот обид  во 2015 година,  беше поразен од Џереми Корбин.

Енди Бернам е роден во Ливерпул во 1970 година. Неговите родители  биле цврсти поддржувачи на Лабуристите, а тој развил ран интерес за политика.

Тој и неговите двајца браќа биле првите во нивното семејство што отишле на универзитет, а Енди студирал англиски јазик на Кембриџ.

Во својата книга „Head North“, тој напишал дека „се борел да се вклопи“ на универзитетот и се чувствувал како „аутсајдер“.

По дипломирањето, работел како новинар за стручни списанија, а неговиот прв влез во политиката се случил во дваесеттите години од животот, како истражувач за покојната Теса Џоуел. Барнам брзо напредувал. Тој стана специјален советник на министерот за култура Крис Смит, а во 2001 година беше избран за пратеник од неговиот роден Ливерпул.

Доколку Барнам стане премиер, протестантската Велика Британија ќе има католички премиер за прв пат во историјата.

Критичарите го нарекоа политички слабак чии ставови се менуваат со ветерот. Иако беше поддржувач на останувањето во ЕУ, тој не го поддржа повторното приклучување за време на дополнителните избори во Мејкерфилд, област каде што се гласаше силно за Брегзит, иако изјави дека се надева дека Обединетото Кралство ќе се врати во Унијата за време на неговиот живот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Понудената откупна цена за јачменот не ги покрива ниту трошоците за производство – велат земјоделците

Дејан Дејан

Амандманот не се прифаќа – повторуваше министерот за правда Филков и одби 50 предлози на опозицијата за судските закони

Дејан Дејан

Еуросупер БС-95 за три и пол денари, Еуросупер БС-98 за четири, дизелот за седум – поевтини цени на горивата од полноќ

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе