Двајца поранешни претседатели на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски и Муамед Сејдини се гонат дека направиле штета на куќата на фудбалот од речиси три милиони евра преку незаконски исплати на фирми. Ѓоргиоски е приведен заедно со уште неколку лица, а Сејдини од пред два месеци е зад решетки за друг случај. Шемата, согласно доказите, ја спровеле преку претходен договор со раководителката на Одделението за финансии, Олгица Младеновска која вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ.
„Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите“, соопштија од ОЈО ГОКК.
За време на мандатот на Ѓоргиоски од 2015 до јули 2018 година присвоени се два милиони евра, а откако фукцијата ја преземал Сејдини до октомври 2019 година присовени се близу 900.000 евра. Вкупно осомничени се 18 лица и 8 фирми за проневера во служба и перење пари.
„Осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување“, додаваат од ОЈО ГОКК.
На ФФМ им била причинета штета, а фирмите се стекнале со противправна имотна корист. Парите потоа биле пуштани во оптек за да се прикрие нивното незаконско потекло. Истрагата е спроведена по кривична пријава од Финансиската полиција во 2020 година, а од ФФМ велат дека на крајот на 2025 година им била побарана дополнителна документација, која во целост била доставена до надлежното обвинителство на почетокот на годинава.
Приведени во случајот се вкупно 12 лица, додека 5 лица се недостапни на органите на прогонот. Сејдини се гони и за проневера на околу 700.000 евра, средства доделени од УЕФА на ФФМ за поддршка и изградба на трибина во Охрид.
Марија Митевска
Поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски се сомничи за финансиска штета од 2,5 милиони евра
