Вести Македонија

Андоновски: Подготвуваме „компактен“ закон за ВИ и македонски јазичен модел кој ќе го чува нашиот дигитален идентитет

Македонија го прави првиот чекор кон системска регулација на вештачката интелигенција (ВИ), но со фокус на етиката и поттикнувањето на иновациите, наместо на строгите казнени одредби. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ ја најави стратегијата која вклучува нов закон за ВИ и амбициозниот проект „Везилка“ за заштита на македонскиот јазик во дигиталната сфера.

Според министерот Андоновски, на државата ѝ е потребна регулација која ќе дефинира како правилно да се користат алатките со вештачка интелигенција, со посебен акцент на транспарентноста.

  • „Тоа нема да биде ригиден закон кој ќе ја забрани употребата, туку ќе регулира како правилно да се користат алатките и како да се декларира нивната употреба. Мој став е дека не треба да ги фаќаме двата екстреми. Подобро е да имаме компактен закон кој поставува етички и морални стандарди и транспарентност,“ истакна Андоновски.

Законот примарно ќе се фокусира на клучните области како што се јавната администрација, здравството, земјоделството и културата.

Еден од најзначајните столбови на дигиталната трансформација ќе биде Центарот за
вештачка интелигенција „Везилка“.

Главната цел на овој проект е создавање на голем јазичен модел (LLM) на македонски јазик, со цел да се надмине сегашната зависност од странски алатки кои често не го препознаваат правилно македонскиот контекст.

  • „Ние немаме доволно дигитализирана литература на македонски јазик. Кога користите ChatGPT или Gemini на македонски, тие преведуваат од јазикот на моделот, па потоа објавуваат на  ‘некаков’ македонски јазик кој не ги влече доволно правилата на нашата граматика и лексикографија. Првата задача на ‘Везилка’ е да дигитализира јазичен корпус на македонски јазик,“ објасни министерот.

Министерството веќе потпиша меморандуми за соработка со Службен весник, Собранието, Националната и универзитетска библиотека, МАНУ и институтите за јазик и литература. Целта е да се создаде прецизна база на податоци, вклучувајќи ги сите законски и подзаконски акти.

Андоновски најави дека веќе следната недела ќе биде промовирана онлајн алатка преку која и граѓаните ќе можат да придонесат.

„Ги повикувам граѓаните да донираат своја дигитализирана литература – магистерски, докторски или стручни трудови – за алатката да може да ги користи и да учи од нив.“

Проектот „Везилка“ тежи вкупно 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони се државни средства, 1 милион од факултетите, а остатокот е поддршка од Европската Унија. Министерот очекува дека до крајот на оваа или почетокот на следната година, Македонија веќе ќе има функционален јазичен модел кој ќе биде понуден како „open-source“ решение за сите домашни институции и компании.

„На овој начин се чува македонскиот идентитет во дигиталната сфера. Наместо да користиме странски платформи кои можат да дадат погрешен историски или културолошки контекст, ќе имаме домашна база,“ заклучи Андоновски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Многу е важно што нафтата паѓа – одлични работи ќе се случат на Блискиот Исток

Mirjana Joveska

МВР: Пронајден и лишен од слобода сторителот кој денеска опожари две возила пред Бугарската Амбасада

Mirjana Joveska

Андоновски: До 2027 година Македонија целосно ќе се поврзе со Европскиот дигитален паричник

Mirjana Joveska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе