Вести Македонија Најважни

Kој ја запали новата „искра“ на релација Скопје-Софија? – сред бел ден опожарени две возила на бугарската амбасада

Двете запалени возила на бугарската амбасада дополнително ја разгореа реториката на релација Скопје-Софија. Изолиран криминален чин или намерно подметнат пожар на дипломатски имот, ова е прашањето по чијшто одговор и во моментов се трага, па полицијата засега не открива повеќе детали околу мотивите.

Од Владата порачаа дека најстрога санкција ги чека сите што сакаат да шират омраза или да ја нарушуваат безбедноста. Но, медиумите од соседна Бугарија веќе излегоа со оценка дека случајот покренува прашања поврзани не само со безбедноста на дипломатските мисии, туку и со пошироката политичка и регионална ситуација.

Агенцијата БГНЕС објави видео од палењето на автомобилите каде што се гледа како човек кој не е маскиран, среде бел ден носи торба од која вади шише со запалива течност, ги опожарува возилата, а потоа со трчање го напушта местото. Локацијата е фреквентна и на улицата има бројни возила кои циркулираат за време на вандалскиот чин.

Попладнево експресна реакција пристигна од Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму се на став дека инцидентот е последица на говор на омраза и недоволно ефикасна институционална реакција во минатото.

„Овој последен напад врз Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостиг на соодветна реакција од институциите во претходни слични случаи од големо значење, што создава чувство на неказнивост кај сторителите. Потсетуваме дека по последниот напад со подметнат пожар во Република Северна Македонија врз Бугарскиот културен клуб во градот Битола, наместо да добие соодветна казна, сторителот беше претставуван како херој и беше вклучен во предизборна политичка кампања“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија. 

Веднаш потоа, со соопштение се огласија и од македонското Министерство за надворешни работи, од каде што известија дека министерот Муцунски разговарал телефонски со неговата колешка од Бугарија, министерката Велислава Петрова-Чамова.

„Во рамки на разговорот, министерот Муцунски најостро го осуди инцидентот што се случи денеска, при кој беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Притоа, министерот информираше дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи. 

И од Владата го осудија инцидентот и порачаа дека институциите на системот имаат капацитет да одговорат. Од Илинденска бр. 2 очекуваат брза и ефикасна истрага и соодветна кривична одговорност.

Петар Догов

(видео+фото)Запалени дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје- бугарските медиуми го објавија потпалувачот

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Андоновски: Подготвуваме „компактен“ закон за ВИ и македонски јазичен модел кој ќе го чува нашиот дигитален идентитет

Mirjana Joveska

МВР: Пронајден и лишен од слобода сторителот кој денеска опожари две возила пред Бугарската Амбасада

Mirjana Joveska

Андоновски: До 2027 година Македонија целосно ќе се поврзе со Европскиот дигитален паричник

Mirjana Joveska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе