Турција пак ги потсети македонските власти дека официјална Анкара се уште ја чека екстрадицијата на 15 – 16 нејзини државјани приврзаници на Фетулах Ѓулен – верскиот лидер за кој Ердоган тврди дека го организирал неуспешниот обид за пуч во 2016 година.
На четиригодишнината од празникот – „Денот на триумфот на демократијата и националното единство“ турскиот амбасадор Секизќок, со порака до власта – очекуваме конкретни чекори за искоренувањето на приврзаниците на ФЕТО од земјава. Рече дека борбата против структурите на движењето на Ѓулен во странство ќе продолжи да биде една од примарните точки на агендата на Турција
„Во оваа прилика би сакал да потенцирам дека од надлежните на земјата очекуваме конкретни чекори во насока на искоренување на ФЕТО во Република Северна Македонија. Впрочем постои заедничко разбирање пoмеѓу Турција и Северна Македонија во насока на зајакнување на соработката во борбата против тероризмот. Од особено значење е да преку мерките кои што ќе се преземат да се запрат дејствијата на структурите на ФЕТО и лицата поврзани со него во Република Северна Македонија кои дејствуваат затскриени зад превезот на образовни институции, компании, здруженија и медиуми“- рече Секизќок.
Прашан до каде е екстрадицијата на 16 лица кои се бараат од властите во Турција, амбасадорот рече дека според неговите информации се уште нема некаков конкретен чекор во врска со тоа.
Од Министерството за правда за „Телма“ велат дека постапките се во тек пред правосудните органи.
Државниот јавен обвинител Јовески за „Телма“ пак изјави дека цело време се работи на тие предмети. Но до сега не е испорачано на Турција, ниту едно лице.
Цело време се работи на тие предмети. Се зависи дали е комплетна документацијата и дали лицата се во земјава или не. Станува збор за 15-16 предмети и за секој предмет посебно се одлучува. До сега не е испорачано ниту едно лице, а дел од нив не се ниту на територијата на земјава“- изјави Јовески
Секизќок информира дека до сега се екстрадирани 120 приврзаници на ФЕТО од 20 земји. Делумно или целосно се запрени активностите на училишта или курсеви за јазици, поврзани со движењето на Ѓулен во 38 земји.
Во 20-тина од овие земји училиштата се пренесени на Турската фондација МААРИФ, која има отворено нови училишта во вкупно 22 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Александра Филиповска