Вести Емисии Код Македонија

КОД: Шпионска или „шпионска“ афера во претседателскиот кабинет на Водно-се истражува, ама предизвика интерес кај НАТО амбасадорите. Агенцијата за разузнавање со демант за КОД  

Комјутерски инжинер, ИТ Консултант кој своевремено завршил на Меѓународниот Славјански Универзитет во кој предавањата се одржуваат во Свети Николе или Битола. На Линкдин за себе напишал дека e искусен инженер по компјутерски науки со докажана работна историја. Вешт во компјутерски науки, етичко хакирање, компјутерска архитектура и оперативни системи. Силен професионалец во информатичка технологија со повеќе од 15 години искуство. Дипломирал компјутерски системи и мрежи на Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“. На профилот не пишува за кого работи.

До 2013-та е припадник на специјалната единица на армијата, Волци, а тогаш е преземен од кабинетот на претседателот, во тоа време, Ѓорге Иванов. До 2022-ра е вработен, а поради бенефицираниот армиски стаж во 2022-ра оди во пензија.

Но, останува на позицијата на одржување на информатичката мрежа во кабинетот, во тоа време мандатот го има Стево Пендаровски. Ангажиран е како надворешен консултант за ИТ во Претседателскит кабинет .

Има и веб-сајт на кој пишува дека е работи како консултант во областа, но кога ке проверите на сајтот Отворени финансии нема податоци за исплати кон него од страна на кабинетот откако станал надворешен консултант. Имал безбедносен сертификат од највисоко ниво- Државна тајна. Се до крајот на декември лани.

Во последните две недели тој стана една од главните теми во медиумите откако извесен Бошко Буха (псевдоним со позајмено име од некогашниот млад партизан бомбаш) испрати до неколку медиуми, странски амбасади и институиции писмо со назнака дека е испратено до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  како кривична пријава поради постоење основи на сомнение за организирано прикривање на кривични дела, шпионажа, злоупотреба на службена положба, попречување на истрага и загрозување на безбедносниот систем на Република Северна Македонија и НАТО.“

Во пријавата се наведени 7 имиња, а прв е ИТ инжинерот, но веднаш по него е Генералниот Секретар во Кабинетот, а опфатени се и Генералниот Секретар на Владата  и  јавната  обвинителка во ОЈО ГОКК која неодамна ја затвори истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино од РКМ во која беа осомничени Ратко Капушевски и Асмир Јахоски од Пуцко Петрол.

Многу причини за пријава навел анонимниот доставувач од основи  на сомневање за Шпионажа, Злоупотреба на службена положба и овластување,  Несовесно работење во службата, Одавање службена тајна Неовластено прибавување и користење на службени податоци, Помагање на сторител по извршено кривично дело, Попречување на правдата, Злосторничко здружување, но и кривични дела поврзани со компјутерски криминал, неовластен пристап, бришење и уништување податоци но и Непријавување сторител или кривично дело.

Според сознанија и информации со кои располагаме, постои основано сомнение дека лицето, кое подолг временски период во текот на 2026-та година извршувало работни задачи како ИТ администратор во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, неовластено пристапувало до доверливи електронски податоци, истите ги копирал, енкриптирал и складирал на надворешни носачи на податоци со намера за нивно понатамошно предавање на странска разузнавачка структура од Руската Федерација. Постои основано сомнение дека ваквите активности биле откриени од друго ИТ лице, по што случајот бил пријавен во МВР и во Одделот за компјутерски криминал“, стои во дописот.

Според анонимниот допис сите наведени во пријавата се поврзани со прикривање на случајот, бришење или компромитирање на електронски докази, со што би се оневозможило МВР да обезбеди релевантни форензички траги и докази.

Кои податоци се украдени, од каде точно и како-  не е наведено, а не е наведено и името на ИТ лицето кое сето ова наводно го открило.

Постои основано сомнение дека по прибирање на првични информации од страна на јавниот обвинител, било извршено влијание врз обвинителството преку телефонски контакти и политички притисоци, со барање случајот да биде затворен без определување мерки на притвор и без целосна дигитална истрага. Јавната обвинителка со непреземање законски предвидени дејствија, необезбедување докази и неповедување ефикасна истрага евентуално сторила кривични дела .“ обвинува анонимецот.

Аферата дојде само неколку дена по затварањето на истрагата која ја водеше обвинителката Коларевиќ, а која траеше 14 месеци за мазутот кој во време на енергетската криза од 2021-2023-та набавуваше мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Спорен беше и јавниот повик и количините кои ги набавила се уште е во истрагат квалитетот на мазутот .

Во дописот се бара истражната постапка да се даде на друг обвинител кој не е инкриминиран. По ова се разгоре преписката меѓу ОЈО ГОКК и МВР. ОЈО ГОКК наведува дека имале проблеми во предистрагата, бидејќи кабинетот не им ги доставувал снимките од безбедносните камери, а потоа тие биле преземени од МВР. Обвинителството тврди дека чека два месеца известување од МВР за екстрахираните податоци за истрагата за чувствителното прашање, но МВР тврди дека работело  на вештачење и анализи.

„Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, соопштија од ОЈО ГОКК.

На ова МВР експресно одговори

Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Извршен е службен разговор со лица вработени во Кабинетот на Претседателот и за истите доставено е известување до ОЈО ГОКК. По целосно расчистување на случајот јасноста ќе биде соодветно известена“, одговорија од МВР.

Претседателката Сиљановска сметасше дека во нејзиниот кабинет нема шпиунажа, а  премиерот Мицкоски ги бараше структурите од минатото и глодари.

Додека Tошковски за емисијата 360 во интервју праша: Зошто токму сега, токму од истиот обвинител, се отвора ова прашање?“ додавајќи дека првично мислел оти станува збор за „теорија на заговор“, но дека одредени случувања отвораат сомнежи.

Коларевиќ е обвинителка која ги води речиси сите случаи каде има безбедносни закани . Ова не и е прв случај. Според извори во истрагата, во  предистражната постапка требало да се обезбедат стотици часови снимки од безбедносните камери во претседателкста вила на водно , податоци од телефони од комјутери да се види кој и како влегувал во комјутерите.  Додадваат и дека е доставен целокупниот материјал кој што го барало Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција меѓу кои и над 450 часови снимки од надзорните  камери и сета потребна документација.

Дали навистина некој шпиунирал или се нарушени односи меѓу две групи во кабинетот на Сиљановска?  За сега нема точен одговор. Според сознанија, односите меѓу двајцата ИТ техничари биле веќе подолго време заладени -кавгата стасала до таму да едниот на другиот му ставал сопки- забрана за влез во одредени делови на системот. Предизвикот бил кој е подобар хакер-кој може да ги совлада тие пречки.

Едниот и другиот постојано заради несогласувања и лични анимозитети го користеле токму работното место и комјутерскиот систем за кавга. Оној кој се наведува во анонимката е  повикан на разговор и му е одземен телефонот . Сите податоци се екстрахирани. За сега нема докази дека оддавал податоци кои биле државна тајна или класифицирани, велат за КОД извори од истрагата .

Инцидентот како што го нарекува ОЈО ГОКК, во МВР бил пријавен на крајот на декември, а се случил еден месец претходно. По пријавата, според сознанија на КОД, претставници на МВР и на АНБ отишле на лице место, во кабинетот, на увид во работните простории каде наводно се случил упадот во системот.

-Агенцијата за национална безбедност врз основа на законските надлежности во делот на попречување на активности поврзани со безбедносни закани и ризици по националната безбедност, а во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи уште кон крајот на 2025 година презеде мерки и активности за идентификување на околностите и учесниците, како и проценка на ризиците од противправното преземање податоци и евентуално компромитирање на класифицирани информации, а во врска со сомневањата за неовластениот упад во компјутерски систем на Кабинетот на Претседателката на Република Северна  Македонија, одговорија од АНБ, за КОД.

Предистрагата е отворена кога МВР го известува обвинителството, предметот го отвара обвинителката Катерина Коларевиќ и почнуваат истражни дејствија.

Но, од кабинетот потоа, според сознанија на КОД биле повикани претставници на Агенцијата за разузнавање за дополнителна проверка на местото. Двете вработени во Разузнавање дополнително вршеле увид, иако немаат истражни овластувања, а нивните имиња се наведени во анонимното писмо потпишано од дигиталниот Бошко Буха.

По објавување на прилогот, Агенцијата за разузнавање испратија демант до КОД.

-Агенција за разузнавање ги демантира исказите во истражувачката телевизиска емисија КОД, објавени на 31.05.2026 г., кои се однесуваат на вработени од Агенцијата. Имено, Агенција негира дека нејзини претставници биле повикани за дополнителна проверка и увид на местото, поврзано со таканаречената „Шпионска афера“. Напоменуваме дека, двете вработени во Агенцијата за разузнавање, немаат преземено никакви активности ниту се инволвирани во случајот што беше една од темите на Вашата емисија, стои во демантот на АР.

Агенцијата, во допис до медиумите по објавувањето информација за предистрагата во Слободен Печат, вели нивните припадници не биле инволвирани во незаконски дејства.

-Агенција за разузнавање отфрла каква и да било инволвираност на свои припадници во веста што првично беше објавена на 19.05.2026 г., во некои медиуми и социјални мрежи за евентуално компромитирање класифицирани информаци и НАТО комуникации. Во своето работење, Агенцијата, доследно ги применува сите законски стандарди и протоколи за соодветно ракување и заштита на националните и НАТО класифицираните информации, соопштија од Разузнавање, по првите информации .

Откако се објавени информациите за случајот, според сознанија на КОД, странските НАТО амбасадори во државата барале информации од македонските безбедносни органи за безбедноста на доверливите информации кои се споделуваат. Биле уверувани дека не станува збор за нарушена безбедност бидејќи лицето кое е осомничено немало пристап до највисоките тајни документи. И кабинетот на Силјановска, и МВР, АНБ и Разузнавање тврдат дека нема ризик од странски фактор и дека законите се почитуваат.

-Досега преземените мерки и активности на Агенцијата не упатуваат на евентуална инволвираност на странски разузнавачки фактори во корист на други држави, ниту пак одлевање на класифицирани информации, а како резултат на споменатиот неовластен упад во компјутерски систем, одговорија за КОД од АНБ.

КОД се обиде да стапи во контакт со лицето кое стана центар на таканаречената шпиунска афера, но не се јавува на телефонот кој и јавно го има објавено на интернет. Дали реално имало штета по безбедноста и нечија вина допрва ќе утврдува Обвинителката Коларевиќ .

Во меѓувреме, Силјановска која е одговорна и за безбедноста на државата, воена и разузнавачка треба да си ги провери вработените во кабинетот, но и да утврди дали токму нарушените меѓучовечки односи можат да предизвикаат штета не само по имиџот на кабинетот туку и по сигурноста на информациите.

А „Бошко Буха“ ја пушти бомбата во јавноста -кој е и со каква намера  тоа го прави е работа на истражните органи и Обвинителството.

Снежана Лупевска Созен

Прилого т е објавен во КОД кој беше емитуван на 31.05.2026. на Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео) Изложба „Пркосните 12“ во КЦ Јадро – фотографијата како средство за комуникација и експресија

Дејан Дејан

Арагчи: Договорот со САД за завршување на војната никогаш не бил поблиску

Дејан Дејан

Соочени со дискриминација во остварувањето на законските права – воените ветерани од „Братство 2001“ на средба со Сиљановска-Давкова

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе