Со наградата Порин пред него, што неодамна ја освои за специјални заслуги за хрватската музика и култура и со гитарата- подарок од директорот на „ Кроација Рекордс“, нашиот , а светски виртуоз на гитара, композитор, аранжер и пејач, Влатко Стефановски, ги почести присутните со изведбата на „ Чукни во дрво“, на денешната прес конференција, по повод објавувањето на два негови нови албуми, во издание на „ Кроација Рекордс“. Се работи за 39 авторски албум во кариерата на Стефановски, насловен „ Muscle Memory“ („ Мускулна меморија“) и за инструменталниот албум „ Guitar sings“ („ Гитарски песни“). Имајќи предвид дека лани го објави и албумот „ Лондонски сесии“, од „ Кроација рекордс“ рекоа дека тоа зборува за уметничката широчина и посветеност на Стефановски кон трите различни проекти.
- Всушност можете да видите колкава е уметничката широчина на Влатко, колкава е неговата предаденост кон трите различни проекти. На кои се чувствува оној негов авторски печат, оној музички печат, таа негова виртуозност што опива или скоро хипнотизира, рече Клаудија Чулар, музички уредник во „ Кроација Рекордс“.
Албумот „ Мускулна меморија “ е спој на прогресивен рок и фјужн. Содржи 9 нумери од кои 4 се инструментални. Објавен е на ЦД, а наскоро ќе излезе и на плоча. Осврнувајќи се на ова остваување, Стефановски кажа дека идеите започнал да ги собира по завршувањето на албумот „ Тафталиџе Шафл “, а ги брусел по враќањето од турнеите со неговото Трио.
- После „ Тафталиџе Шафл“ почнав да собирам разни идеи. Самото снимање на новиот албум „ Мuscle Memory“ траеше богами 3-4 години затоа што многу патувавме и го напуштавме студиото, за да одиме на концерти. И потоа се враќаме и со нови уши го слушавме тоа што сме го направиле. Па, гледаме дали нешто треба да се поправи, да се доправи, кажа Влатко Стефановски.
А, албумот „ Гитарски песни“ е снимен во „Abbey Road Studio 1“ во Лондон, со Кралскиот филхармониски оркестар, под диригентство на добитникот на Греми, Стив Сидвел. Овој албум е дел од најзначајниот амбициозен дискографски проект „Hitmaker – Ѓорѓе Новковиќ“. На него Стефановски изведува 10 инструментали, базирани на евергрини од истакнатиот хрватски композитор. Албумот е издаден на ЦД и на винил.
Сотир Трајков
