Геополитиката ја редефинира економијата, a Македонија не е изоставена од надворешните економски шокови. Глобалните геополитички тензии и трговските судири носат големи промени во начинот на функционирање на светската економија, оценува професорот Борче Треновски во вечерашната „Топ Тема“. Според него, класичната економска логика сè повеќе отстапува пред политичките интереси, што создава нови ризици, особено за помалите економии како нашата.
„Не е само актуелниот конфликт меѓу Израел, САД и Иран, туку процесите започнаа уште со тарифите на Трамп, што доведе до сериозни геополитички и геоекономски поместувања. Наместо да се следи логиката на најевтина суровина и најевтин производ, денес политиката има клучна улога во алокацијата на ресурсите. Тоа значи прекинување на синџирите на снабдување, намалена ефикасност и фрагментација на глобалниот економски систем, што директно се одразува и врз цените на нафтата и трговијата“, вели Треновски.
Тој предупредува дека ваквите глобални случувања директно ќе се одразат врз македонската економија, која е силно поврзана со европскиот пазар и зависна од увоз.
„Над две третини од македонскиот извоз оди во ЕУ, што ја прави економијата исклучително чувствителна на случувањата таму, особено во Германија и автомобилската индустрија. Падот на глобалната и европската побарувачка, заедно со растот на цените на енергенсите и храната, нè става во тешка позиција. Како увозно зависна економија, Македонија прво ги чувствува ценовните шокови, а дополнително загрижува и застојот кај странските директни инвестиции, кои засега не го достигнуваат очекуваното ниво“, посочува Треновски.
Т.Д.
