Сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик, а со тоа и на македонскиот културен и јазичен идентитет, кое низ едно опсежно истражување успева да даде приказ на непрегледното богатство на македонскиот јазик и неговиот лексички фонд неколку векови наназад. Станува збор за тематика којашто е многу малку истражувана досега, па со тоа дава сериозен материјал за домашната, но и за науката на меѓународен план, забележа академик Живко Попов, претседател на МАНУ .
„Авторите преку компаративните табели на лексемите кои се појавуваат во Слепченскиот патерник од 14 и потоа во ракописите од 19 век во делата „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ и „Различна поучителна наставленија“ од Јоаким Крчовски направија историски пресек на јазикот низ повеќе векови, осветлувајќи го местото на македонскиот јазик на европската и светската лингвистичка карта од една позначајна перспектива“, изјави академик Живко Попов, претседател на Одборот за доделување на наградата.
Делото „Континуитетот на македонскиот јазик“ на наградените автори проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни ја документира и еволуцијата на македонскиот јазик. Во време на брзи промени, ваквите признанија потсетуваат дека вистинските вредности се трајна категорија, додаде академик Попов.
„Проектот е објавен во време кога македонскиот јазик е негиран. Оттука ова дело е со исклучителна национална важност и безвремено е, бидејќи нападите на македонскиот јазик траат со векови, а се засилени и денес. Со наградата што денеска ни ја врачивте, давате поттик и застанувате во одбрана на науката и аргументите. Ова дело претставува прв том од планираните три тома обработен материјал за континуитетот на македонскиот јазик“, изјави проф. д-р Соња Новотни, добитничка на наградата „Гоце Делчев“.
Делото ја обработува врската помеѓу старите текстови и современиот македонски јазик, систематски ја документира неговата еволуција, ја анализира структурата и употребата и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет, забележа министерката Јаневска во рамки на своето обраќање на свеченоста.
Нина Стефанова
