Попустот на горивата продолжува до 18 мај, а потоа Владата се надева дека кризата ќе заврши. Попустот со кој се намалуваат малопродажните цени на горивата изнесува 3 денари по литар за дизел горивото и 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека преговорите со ОКТА биле напорни и тешки, но успеале да го продолжат попустот кој има за цел да ги ублажи ценовните притисоци врз граѓаните и стопанството.
- „Тоа ќе трае до 18 мај, до тогаш имаме договор за потоа ќе видиме. Се надеваме дека ќе заврши кризата и дека ќе може да влеземе во една нормална состојба. Но, да почекаме важно е дека попустите продолжуваат за сите оние компании кои што добиваат од ОКТА бензин и дизел“, рече премиерот.
Владата ќе проверува дали се точни информациите дека некои компании кои го користат попустот прават реекспорт на бензините и дизелот во соседните земји. Премиерот апелира дека нема потреба компаниите да прават тоа, бидејќи не се затворени границите за соседните земји и нивните граѓани слободно точат гориво на бензинските пумпи во Македонија.
Мицкоски додава дека цените на горивата се од 30 до 50 отсто поевтини од соседството и Владата останува на мерката за намалување на ДДВ за бензините од 95 и 98 октани на 10 проценти, како и намалените акцизи. ДДВ-то за дизелот кој пак најмногу поскапе останува 18 отсто, но премиерот очекува од наредната недела да му се намали продажната цена.
- „Што се однесува до ДДВ кај дизел горивото тоа ќе остане на 18 проценти и со тоа нашето дизел гориво е од 30 до 50 евроценти по литар поевтино од дизел горивата во соседството денес. Очекуваме од понеделник да биде и повеќе поевтино, имајќи предвид дека најголем дел од државите во соседството, односно Србија денеска ќе ги определи новите цени, а останатите држави од понеделник, вторник како и ние“, додаде премиерот.
Во меѓувреме цената на нафтата на берзите денеска е околу 111 долари за барел, откако вчера достигна до 126 долари за барел.
Марија Митевска
Б.С.
