Светот и Македонија денеска го чествуваат Светскиот ден на џез музиката. По тој повод, Националниот џез оркестар по 10. пат го организира целодневниот фестивал под наслов „Денеска сѐ е за џезот“. Тој вклучува пет концерти, почнувајќи од 16 часот, со учество на домашни и џез музичари од САД, од Шпанија, од Бугарија и од Австрија. Но, поради дождливото време, наместо во паркот „Ибни Пајко“, концертите ќе се одржат во Македонската филхармонија, а влезот за сите нив е бесплатен, вели директорот на Националниот џез оркестар.
„Први ќе го отворат фестивалот Peach Vice Jazz , се викаат. Тоа е наша група составена од македонски музичари кои што направија нов материјал само за овој настан. Потоа настапуваат Next to silence кои што, исто така, го свират нивниот нов албум. Arnau Garofe е каталонски саксофонист, кој што живее во Софија во моментов и соработува со тамошната џез сцена. Потоа Националниот џез оркестар ќе настапи под диригентската палка на Сиги Феигл од Австрија. Гостин на овој концерт ни е Дејн Алдерсон, кој што е постојан член на групата. Ќе настапи и нашата група „Леб и сол“, кажа Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар.
