Новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, оцени дека средбите кои ги одржал денеска во Брисел, биле „продуктивни“, додека се обидува да ослободи милијарди евра од фондовите на ЕУ за својата држава.
По серијата состаноци на високо ниво во Брисел, Маѓар изрази оптимизам дека средствата од Европската Унија би можеле наскоро да и бидат исплатени на Унгарија.
Маѓар ја одржа првата директна средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по неговата изборна победа на 12-ти април.
Тие разговараа за чекорите потребни за деблокирање на милијарди евра од фондовите на ЕУ, кои во овој момент се замрзнати заради загриженост за корупција и владеење на правото.
Унгарија ризикува да изгуби околу 10 милијарди евра постпандемиски фондови наменети за поддршка на економијата, доколку Маѓар не обезбеди договор пред рокот во август. Тој ќе се врати во Брисел за официјална посета на 25 мај, откако ќе ја преземе премиерската функција во својата држава.
Воедно, Унгарија е единствената земја-членка на ЕУ која сè уште чека одобрување за својот голем одбранбен план, познат како SAFE, кој би се финансирал преку поволни европски заеми издадени од Европската комисија во вредност од околу 16 милијарди евра.
Се смета дека Брисел ја одложил одлуката во очекување на резултатите од општите избори.
По средбата со фон дер Лајен, Маѓар изјави на социјалните мрежи дека разговорите биле „многу конструктивни и продуктивни“ и повика на побрзо напредување на дискусиите.
Иако вети дека „средствата од ЕУ наскоро ќе почнат да пристигнуваат во Унгарија“, Маѓар исто така нагласи дека тие средства, кои мора да бидат придружени со реформи во областа на владеење на правото, нема да дојдат на сметка на националните интереси на Унгарија.
Неговите изјави го истакнуваат деликатниот баланс што ќе треба да го одржи Маѓар: усогласување со институциите на ЕУ за да се отклучат милијарди евра потребни за оживување на унгарската економија, а во исто време да се претстави како независен лидер способен да носи сопствени одлуки по години на затегнати односи меѓу Будимпешта и ЕУ.
