Премиерот Мицкоски ретерираше од предлогот поднесен од пратениците на ВМРО ДПМНЕ – пратениците да немаат двојни државјанства – рече денеска на прес конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„ Уште една нивна лага е разобличена, поради тоа што министри и пратеници на ВМРО ДПМНЕ, градоначалници, функционери, директори на јавни претпријатија имаат бугарски пасоши. Толку од нивниот патриотизам. Лажниот патриотизам секој ден излегува на виделина“, рече Филипче
Според Филипче, Мицкоски ретерирал за законот за забрана за двојни државјанствата со најавата дека допрва ќе консултираат правни експерти.
„Премиерот ќе барал мислење од правни експерти. Зошто не побарале претходно? Зошто не побарале мислење од правни експерти пред пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат тој закон во Собранието?“ рече Филипче.
Ова според Филипче следувало откако од СДСМ најавиле дека ќе поднесат амандмани забраната за двојни државјанства да важи и за актуелниот пратенички состав и да се прошири опсегот не само за пратениците туку и за сите избрани и именувани функционери.
