Вести Македонија

Од пријавување на насилство до реална заштита на жртвата – дискусија за надминување на оваа празнина организираше Делегацијата на ЕУ

Како дел од низата настани „Носи ја промената“ (Wear the Change) започнати на Меѓународниот ден на жената, караванот инициран од Делегацијата на Европската Унија, „Тимот Европа“ и мрежата на Јуроп хаус  организираше панел-дискусија на тема „Скршениот штит: Родово базирано насилство и институционална заштита“.

Дебатата ги обедини меѓународните партнери, граѓанските организации и локалните експерти, кои го разгледаа клучниот општествен предизвик: јазот помеѓу законите на хартија и нивната (не)примена во пракса. Неодамнешните случаи на фемицид ја потврдија суровата реалност за постоењето на сериозни системски пропусти – институциите не преземаат одговорност и не успеваат да ги заштитат жртвите, дури и по повеќекратни пријави против насилниците.

Во панелот, модериран од Андреа Угриноска (Тииит! Инк. – Скопје), учествуваа Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа „Глас против насилство“, Ангелина Димовска Стојанова од Организацијата на жени – Велес, како и амбасадорите на Шпанија и Франција, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз и Н.Е. Кристоф Ле Риголер. Тие се осврнаа на генералната состојба во државата и специфичните локални предизвици, јазот помеѓу законите на хартија и нивната примена, како и алармантните стапки на фемицид во Северна Македонија.

За да се најдат соодветни решенија, дискусијата ги опфати и позитивните примери од Европа каде е воспоставена успешна пракса во постапувањето по ваквите проблеми. Во таа насока, се разговараше за важноста на високата општествена свест и системските решенија кои се дискутираат и применуваат во Шпанија, како што е воведувањето на дополнителни слоеви на контрола преку систем со алки за следење на сторителите на насилство со изречена мерка за забрана за приближување. Дополнително, низ призмата на француското искуство и неодамнешниот случај со Жизел Пелико кој ја потресе јавноста, се потенцираше колку ваквите случаи се трауматични за жртвите и како големите судски предмети можат да иницираат суштински промени и поефективни законски решенија во справувањето со родово базираното насилство.

Панел-дискусијата заврши со силна порака дека се неопходни итни краткорочни и долгорочни интервенции за да се затвори празнината помеѓу пријавувањето на случајот и реалната заштита на жртвата на терен. Притоа, јасно беше посочено дека одговорноста за справување со овој проблем ја имаат сите граѓани, а превенцијата започнува од најрана возраст – преку едукацијата во рамките на семејството и образовниот систем.

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Реконструкцијата на Владата во завршна фаза – викендот се очекува нов круг разговори

Sasko Dimovski

Трамп со барање до Конгресот: Одобрете 87 милијарди долари за трошоците од војната со Иран

Sasko Dimovski

(Видео) Власта со закани за затвор, опозицијата со психолошки дијагнози – собраниска седница за пратенички прашања

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе