Проектот за ископ на антимон во рудникот Крстов Дол го гледам од економски аспект, односно од можностите и придобивките што би ги имала Општина, а не низ политичка призма или политички аспект, порача Сашо Митовски, градоначалник на Крива Паланка, во интервју во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма. Локалната економија има потреба од сериозна инвестиција и тоа е факт, додаде тој, со оглед дека постоечките урбанистички планови што ги има Општината, немаат намена за инвестиција во било каква индустрија.
„Од тој аспект, ова за нас претставува сериозен потенцијал на кој треба сериозно да му се пристапи и да се разгледа за сите можности и придобивки што би ги имала Општината. Од економски аспект, ќе значи нови работни места за Општината, ќе значи сериозна економска активност, да ја зајакне локалната економија, да ги подобри капацитетите на локалната самоуправа. Но, како што кажав, сето ова треба да се разгледа многу внимателно по основ на последиците кои што можат да бидат по влијанието врз животната средина, почвата, реките, но и по безбедноста и здравјето на граѓаните“, смета Митовски.
Организирањето на референдум е уставно загарантирано право и доколку дојде иницијатива, локалната самоуправа, соодлука на советот, ќе пристапи кон негова организација и спроведување. Суштината на референдумот, додаде тој, е многу поважна отколку формалноста.
„Организирањето на референдумот не смее да биде врз база на емоционална или политичка одлука. Самата оваа одлука треба да биде водена исклучиво од интересите на граѓаните на Крива Паланка. Затоа ова прашање не го гледам низ политичка призма и политички аспект, туку како локалната заедница може да ги има сите овие придобивки што може да ги имаме при една таква стратешка инвестиција. Мојот пристап е воден од интересите на граѓаните, а не од партиските позиции“, додаде Митовски.
С.Д.
