Глобалниот авиосообраќај бележи сериозни нарушувања три дена по ред, со вкупно 49.154 доцнења и 8.080 откажани летови ширум светот, според објавените дневни статистики на „Flight Aware“.
Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, по нападот на САД и Израел врз Иран, кој започна во текот на саботата, доведе до затворање и ограничување на дел од воздушниот простор во регионот, што предизвика синџирни доцнења и пренасочувања на летови на глобално ниво.
Во сабота имало вкупно 21.071 доцнења на летови на светско ниво, а се откажале 2758 летови. Вчера имало 19.415 доцнења со 3.229 откажувања на летови, додека денеска доцнат 8.668 летови со 2.093 откажувања.
Најголем број доцнења се регистрирани во саботата – денот кога започнаа нападите и кога дел од авиокомпаниите итно ги пренасочуваа или суспендираа летовите кон Блискиот Исток. Во неделата бројот на доцнења благо опадна, но бројот на откажувања порасна, што укажува на подолгорочно оперативно прилагодување на авиокомпаниите.
Денес се забележува значително намалување на доцнењата, но бројот на откажани летови и натаму останува висок, што укажува дека дел од рутите сè уште не функционираат нормално.
Експертите посочуваат дека секое затворање на клучни воздушни коридори меѓу Европа, Азија и Блискиот Исток предизвикува домино-ефект во глобалната мрежа на летови, со пренатрупување на алтернативни рути и ограничувања во контролата на летање.
Патниците се советуваат внимателно да го следат статусот на летовите и официјалните известувања од авиокомпаниите.
Т.Д.
