Вести Најважни Свет

Иран започна напади низ Блискиот Исток по ударите на САД и Израел

Тензиите на Блискиот Исток драматично ескалираа откако Иран започна серија ракетни и напади со беспилотни летала врз цели во повеќе држави во регионот, како одговор на претходните удари на САД и Израел врз иранска територија.

Експлозии се пријавени во Дубаи, Доха, Бахреин и Кувајт – земји каде што има американски воени бази или кои важат за сојузници на Вашингтон.

Во Кувајт, според локалните власти, била погодена воздухопловната база „Али Ал-Салем“, додека дрон таргетирал дел од меѓународниот аеродром, при што има ограничена материјална штета.

Израелските одбранбени сили соопштија дека три локации каде што се наоѓале членови на иранското раководство биле погодени истовремено, во тесна координација со американската армија.

– Се впуштаме во операција што се одвива на сосема поинакво ниво – посложена и покомплицирана. Знам дека подготовката беше кратка, но интензивна и неверојатно темелна, изјави Генерал Ејал Замир, началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили.

Во главниот град Техеран, голем број луѓе излегоа на улиците во саботата во поддршка на иранската влада и против воздушните удари на САД и Израел. Протестите се одржаа пред џамии и други јавни места, а учесниците носеа ирански национални знамиња и плакати со пораки против странските напади.

– Тие само си го скратија животот. Како што можете да видите, луѓето се собраа тука без да бидат повикани и го држат знамето високо. Оние што седат во странство: можете да стапнете на ова земја само мртви. Овие бомби и ракети не можат да го скршат нашиот отпор, изјави Абдолахи, жител на Техеран.

Од друга страна пак стотици поддржувачи на иранскиот опозициски лидер и престолонаследник во егзил, Реза Пахлави, се собраа во Берлин за да изразат поддршка за американско-израелските воздушни удари врз Иран. Демонстрантите носеа ирански знамиња и транспаренти со пораки против актуелното раководство во Техеран.

Британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека британски авиони „се веќе во воздух“ како дел од координирани регионални одбранбени операции за заштита на британските интереси и сојузници. Тој ги повика сите страни да се вратат на дијалогот и да се изнајде дипломатско решение.

– Од суштинско значење е да спречиме понатамошна ескалација и да се вратиме на дипломатски процес. Сакаме да видиме мир и безбедност и заштита на цивилниот живот. Иран може да го прекине ова сега. Тие треба да се воздржат од понатамошни напади, да се откажат од својата програма за оружје и да го прекинат ужасното насилство и репресија врз иранскиот народ, порача британскиот премиер Кир Стармер.

Советот за безбедност на Обединетите нации најави итна седница во Њујорк, по барање на повеќе земји, поради наглото влошување на безбедносната состојба.

Генералниот секретар на ОН повика на „итен прекин на непријателствата“ и предупреди дека настаните сериозно ја загрозуваат меѓународната безбедност.

Ситуацијата останува крајно нестабилна, со стравувања од поширока регионална војна.

Светските сили внимателно ја следат ескалацијата, додека воздушната одбрана во повеќе земји во регионот е ставена во највисока готовност.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Волстрит џурнал“: САД размислуваат за преместување на базите од Персискиот Залив, опција е Израел, сакаат да бидат надвор од дострел на иранските проектили

Sasko Dimovski

Во возило на кочаначенец најдени 1800 парчиња брендирана облека – шверцувал маички, дуксери, тренерки

Дејан Дејан

Почина македонскиот фолклорист Иван Котев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе