Во периодот од 23 до 27 февруари во Љубљана се одржа втората Меѓународна олимпијада по вештачка интелигенција, на која учествуваа 95 ученици од 24 држави, меѓу кои САД, Кина, Русија и Велика Британија.
Натпреварот беше фокусиран на напредни теми од алгоритми, машинско учење, анализа на податоци и современа информатика, со задачи што бараа длабинско разбирање и развој на ефикасни алгоритамски решенија.
Тимот на Здружение на информатичарите на Македонија, составен од четворица средношколци, освои два бронзени медали. Наградите ги добија Благој Рујаноски Стојановски од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп и Андреј Ангелов од Државната математичко-информатичка гимназија во Скопје.

Тимот беше предводен од менторите од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство.
Претседателот на здружението, Миле Јованов, оцени дека успехот е значајно меѓународно признание за квалитетот на македонските млади информатичари и за континуираната работа во развојот на таленти во областа на вештачката интелигенција.
Следната, трета олимпијада ИОВИ 2027 ќе се одржи во Виетнам.
