Со над 120 протести низ Грција и во повеќе градови во странство, денеска се одбележуваат три години од железничката несреќа кај месноста Темпи, една од најголемите трагедии во земјата во последните пет децении.
На 28 февруари 2023 година, во близина на Лариса, директно се судрија патнички и товарен воз што се движеле по иста шина во спротивна насока, при што загинаа 57 лица, најголемиот дел студенти, а над 100 беа повредени.
Годишнината доаѓа неполн месец пред почетокот на судењето закажано за 23 март, со 36 обвинети.
Главниот собир е на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, а генерален штрајк организираше синдикатот на вработените во јавниот сектор, со учество и на железничкиот и бродскиот сообраќај.
Значајна улога има Здружението „Темпи“ на семејствата на жртвите, предводено од Мариа Каристиану, која изминатите години јавно бара одговорност и правда.
Дел од роднините бараат ексхумации и дополнителни анализи, тврдејќи дека постојат неразјаснети околности околу експлозијата и пожарот по судирот.
Според извештајот на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот, имало сериозни пропусти во железничкиот систем, недостиг на сигнализација и уништени докази на местото на несреќата.
Европската главна обвинителка Лаура Ковеши посочи дека уставни ограничувања поврзани со одговорноста на министрите ја отежнуваат постапката.
Три години по трагедијата, која силно ја потресе грчката јавност и доведе до масовни протести под слоганот „Пиши кога ќе стигнеш“, семејствата на жртвите сè уште чекаат целосна правда и одговори за причините за несреќата.
