Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и Амбасада во Тел Авив издадоа итно предупредување до македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, поради влошената безбедносна состојба.
Се апелира граѓаните строго да ги следат упатствата на израелската Команда на домашниот фронт, да останат во или во близина на засолништа и веднаш да се упатат во заштитени зони по добивање на предупредување, каде треба да останат сè додека не биде соопштено дека е безбедно.
Според информациите од амбасадата во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилен сообраќај, а сите комерцијални летови се суспендирани до понатамошно известување.
На граѓаните им се препорачува да обезбедат основни залихи – вода, храна, лекови, комплет за прва помош, батериски светилки и полни мобилни телефони – и да ги следат официјалните известувања преку националните портали за итни случаи и локалните медиуми.
Од Министерството апелираат и македонските граѓани да се воздржат од патување во земјите од регионот додека не се стабилизира состојбата.
За итна помош, на располагање се телефоните на Амбасадата во Тел Авив: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546, како и дежурните броеви на Министерството во Скопје.
Надлежните институции најавуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој.
