Вести Економија

Клучен предизвик не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи – анализа на „Фајнанс тинк“

Растот на минималната плата е оправдан од социјален аспект, но мора да биде усогласен со растот на продуктивноста и реалниот капацитет на економијата. Во спротивно, зголемувањето на платите создава инфлациски притисок, го ограничува просторот за фискална консолидација и го зголемува ризикот од деформализација на работните односи, покажуваат анализите на „Фајнанс тинк“. Експертите заклучуваат и дека клучниот предизвик не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи, за да се зачува и куповната моќ на работниците и макроекономската стабилност.

„Непропорционално и значајно зголемување на минималната плата и сите останати плати во економијата без паралелно зголемување на новосоздадената вредност крие неколку ризици. Првиот ризик е притисокот врз цените. Инфлацијата во месец јануари се сведе на 3.2% на годишно ниво, што е забавување од декемвриската бројка од 4.1%, но сé уште над нивото на инфлација кое се смета за стабилно и над нивото во Еврозоната од 1.7%, што е важна референца поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото“, се вели во анализата на „Фајнанс тинк“.

Според „Фајнс тинк“, упорната инфлација во најголема мера е последица на притисокот што доаѓа од страна на потрошувачката. Платите скоро долж целиот период растеа повеќе од растот на продуктивноста, така што во 2024 година споредено со 2017 година, просечната плата е повисока за 79,9%, минималната плата за дури 88%, а продуктивноста за само 49,8%.

Министерката за финансиии, Гордана Димитриевска-Кочовска е на став дека по ковид пандемијата, енергетската и економската криза инфлацијата се стабилизира.

„Сега вие кога ќе ги научите фирмите дека за нивниот производ со повисока цена има продажба, многу е тешко да го вратите назад и таа навика сега треба да ја враќаме назад и да ги одвикнуваме и тоа се случува и не оди така едноставно, а храната е секогаш-која е и најбарана. Еве ако зборуваме за некој козметички производ, ако е висока цената, тој козметички производ нема да го купиме, ама храна мора да купуваме“, вели Димитриевска-Кочовска.

Барањето на работниците за покачување на минималната плата е сосема легитимно и оправдано, смета економскиот аналитичар Глигор Ивановски. Според него, повеќе од потребно е зголемување на платите, а за тоа треба да размислува Владата, бидејќи некоректно е да се обвинуваат работниците ако некој странски бренд заминал од кај нас или фирмата не е добро позиционирана на странскиот пазар.

„Не може сиот тој товар да се префрли на вработените, бидејќи тие не одлучуваат за тоа како некои од нашите фирми ќе котираат на странскиот пазар, како ќе се избори за својата цена на трудот, цена на својот производ. Работниците се сосема во право што бараат да се зголеми минималната плата“, смета Ивановски.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара минималната плата да се зголеми за 100 евра или да изнесува 600 евра. Доколку нема договор за нејзино зголемување со работодавачите и Владата најавија генерален штрајк во март.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Максим Димитриевски за владината реконструкција: Сите опции се на маса

Дејан Дејан

Запалени автомобилите на адвокатот Алиспахиќ

Дејан Дејан

Поради погрешен матичен број на полицаец вратен на работа со судска одлука- „застана“ здравственото осигурување на сите вработени во МВР

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе