Доктор Симонида Црвенкова правилно постапувала и го продолжила периодот на преживување повеќе од вообичаено кај секој пациент надвор од стандардите за просек што е потврден во научни студии и ова што сега го слушаме во судницата е тема за национален или светски конгрес на онколози, но не е тема за судница и судска постапка – изјави пред почетокот на денешното судење бранителот на Црвенкова, адвокатот Владимир Туфегчиќ.
Според Туфегчиќ, како што нагласи, очекува целосна дискредитација на обвинението бидејќи се „докажало дека стручниот наод и мислењето се направени врз основа на селективна и нецелосна документација, не се земени предвид претходните истории на болеста на пациентите, лекувањето во други клиники и операции и препораки, како и дека не се земени предвид националните протоколи на Македонија“.
– Применетиот медицински третман, како што кажав, треба да биде во рамките на националните препораки што ги применувале нашите лекари и надвор од тоа не може да се бара апсолутно никаква одговорност. Ние сите многу добро знаеме во каква кондиција е нашето здравство и затоа и во судницата бевте присутни кога кажав дека јас ја бранам докторката Црвенкова, нејзините чест и углед, меѓутоа ги бранам истовремено и честа и угледот на здравствениот систем на Македонија – изјави Туфегчиќ.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска.
Кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
