Администрацијата на Трамп прогласи крај на анти-имиграциската операција во Минесота која доведе од илјадници апсења, насилни протести и убиства на двајца американски граѓани во текот на минатите два месеци.
„Имавме голем успех со оваа операција и ќе ја оставиме Минесота побезбедна“ -изјави таканаречениот „граничен цар“ на Трамп, Том Хоман.
Најголемата операција против илегалната имиграција на Одделот за домашна безбедност предизвика жестоки протести на граѓаните на Минеаполис, откако Рене Гуд, мајка на три деца и Алекс Прети, медицински техничар беа смртно застрелани од федералните агенти, припадници на службата за имиграција и царини, озлогласените ICE.
Според Хоман, како резултат на акциите на федералните агенти во регионот Минеаполис – Сент Пол, биле уапсени повеќе од 4 000 лица.
Иако луѓето на Трамп тврдат дека луѓето кои ги уапсиле во текот на операцијата во Минесота биле „опасни криминалци и илегални имигранти“, според локалните власти, најголем дел од нив биле луѓе без никакво криминално досие, вклучувајќи и деца и американски граѓани.
Претходно, Хоман минатата недела информираше дека повеќе од 700-тини федерални агенти веднаш ќе ја напуштат Минесота, но на улиците на Минеаполис и Сент Пол и натаму ќе останат повеќе од 2000 агенти. Тогаш, ова повлекување, Хоман го образложи како резултат на драстично подобрување на соработката со локалните власти, заради што немало веќе потреба од присуство на толку голем број агенти.
