Актуелната членка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Цвета Ристовска и обвинетата поранешна претседателка Татјана Димитровска се две поранешни ревизорки кои ставиле свои потписи врз ревизорскиот извештај за СЈО, дознава Телма од неколку извори. Тие се дел од тројцата ревизори кои во 2020 година нотираа дека во СЈО се делеле сомнителни надоместоци за тајност во вредност од 4,6 милиона евра. Ваквата информација за Телма ја потврди и Главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој вели дека Ристовска во тоа време била потпретседател, а Татјана ревизор.
Извештајот е изработен професионално, согласно методолошките акти за извршената ревизија и се издадени два конечни извештаја. Еден е достапен за целокупната јавност, а друг има класификација за доверливост.
И двете поранешни ревизорки потоа беа избрани за дел од антикорупциската комисија, Димитровска стана претседател, а Ристовска член. Димитровска си даде оставка, откако беше обвинета дека оддала службена тајна на Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, но и дека ревизорот Столевски во нејзино име го полагал тестот за сертификат „Државна тајна“.
Ристовска, пак, деновиве е актуелна по тоа што ѝ се отворени два предмета во ДКСК за можен судир на интереси и непријавивање на имот на деца. Се работи за фирмите на нејзините синови од кои за една Телма објави дека земала партиски пари во предизборни кампањи за маркетинг. За неа пред една година, исто така, Телма објави дека не виде ништо спорно во дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски од универзитетот Скопје каде таа била предавач, а одлучуваше во ДКСК за неговиот случај.
Ревизорскиот извештај, пак, кои го изработиле беше искористен како доказ од владеачката ВМРО-ДПМНЕ за да поднесе кривични пријави против обвинителите на СЈО. Обвинителството за гонење на организиран криминал, кое го нарача извештајот, сега ја отфрли кривичната пријава на партијата.
„Постапувајќи по конкретниот предмет, имајќи ги предвид битијата на кривичните дела за кои беше поднесена кривичната пријава, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК изврши целосна анализа на наводите и доказниот материјал во предметот и ценејќи ги сите докази и факти, кон крајот на месец август минатата година донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност“, информира Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Деновиве извештајот и работата на поранешното СЈО кое ги гонеше поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ повторно ги активираше и партиските штабови. Додека СДСМ обвинува дека целта е да се врати екс премиерот Груевски, кој е избеган од земјава, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ раководело со СЈО.
За извештајот, но и за други случувања во СЈО, пред неколку денови јавно проговори разрешената обвинителка Лејла Кадриу која се пожали дека неправедно била избркана од институцијата и изнесе низа обвинувања кон нејзините колеги. Гаврил Бубевски преку јавна реакција денеска ѝ одговори дека во суд ќе докаже дека таа лажела.
Билјана Николовска Тодорова
