Забрана за вршење на функција во траење од две години е санкцијата за поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини кој беше на чело на оваа организација од 2019 до 2025 година
Сејдини е санкциониран поради финансиска измама, поврзана со градежни работи на стадионот во Охрид, односно злоупотреба на својата положба. Во соопштението што денеска го објави Куќата на фудбалот се наведува:
„Одборот за итност на ФФМ на 27 ноември во 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ „Енергоинвест Трејд“ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари, без услов за авансно плаќање и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор, согласно прифатената понуда. Спротивно на донесената одлука, Сејдини на 3 декември во 2024 година, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, што било извршено без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“, соопшти ФФМ.
Дисциплинската комисија утврдила дека со ваквото постапување, Сејдини го измамил и довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата, поради и му е изречена споменатата санкција.
