Контроверзното „Ауди А6“ кое го набави поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко пред осум години, оди на продажба. Луксузниот автомобил во 2018 година беше купен за 67.000 евра.
Новиот градоначалник на Струга, Менди Ќура, во јануари поднел барање до Општинскиот совет да донесе одлука за продажба на општинското „Ауди“.
„Градоначалникот во текот на целиот мандат ќе го користи своето приватно возило, при што сите трошоци ќе ги покрива лично, без оптоварување на буџетот на Општина Струга“, одговорија од Општина Струга на прашањето на Телма зошто се продава општинското „Ауди А6“.
На седницата одржана на 28 јануари, советниците ја изгласаа одлуката за продажба по пат на електронско јавно наддавање, но почетната цена на општинското „Ауди“ допрва ќе ја утврдува Комисија за проценка.
„Следниот чекор е формирање на Комисија за проценка, која ќе ја утврди почетната цена. По завршувањето на проценката од страна на Комисијата, ќе биде објавена јавна лицитација, за што ќе следи известување“, велат од Општина Струга.
За набавката на ова возило против Мерко беше покренато обвинение за злоупотреба на службената положба, но Основниот суд во Струга го ослободи од вина. Заедно со автомобилот „Ауди А6“ беа набавени уште четири други возила, но засега на продажба оди само возилото кое предизвика лавина реакции во јавноста, бидејќи беше набавено во време кога Општина Струга се соочуваше со сериозни финансиски проблеми и работеше со блокирана сметка.
Емилија Мисирлиевски
