По речиси пет години судска постапка, Апелациониот суд во Скопје ја уважи жалбата и ја поништи пресудата со која портпаролката на Владата, Марија Митева, беше осудена по тужба за навреда и клевета поднесена од Дарко Каевски, тогашен пратеник на СДСМ.
Во својата реакција на „Фејсбук“, Митева истакна дека иако за дел од јавноста случајот можеби е веќе заборавен, за неа тој претставувал суштинско прашање поврзано со правдата и слободата на говор. Таа посочи дека во период кога СДСМ јавно се залагале за слобода на изразување, во практика, како што наведува, се правеле обиди таа да биде ограничена преку правни конструкции и судски тужби.
„Наместо аргументи – конструкции, наместо одговори – тужби, наместо отчетност – обиди за замолчување“, напиша Митева, додавајќи дека ваквиот пристап, според неа, не е напуштен ниту денес.
Таа нагласи дека во периодот кога била во опозиција внимавала на секој свој јавен настап, водејќи сметка што говори, зошто го говори и со каква цел, истакнувајќи дека нејзините изјави биле засновани на факти и внимателно одмерени аргументи.
Според Митева, одлуката на Апелациониот суд е потсетник дека правдата во Македонија често доаѓа бавно, но и дека правото не смее да се користи како средство за притисок, туку како механизам за заштита на основните слободи.
