На потег е Финансиската полиција, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. По отпуштањата на стотици вработени во јавните претпријатија за кои тврди дека не доаѓале на работа, а земале плата, целата документација е на располагање на Финансиска. Кажа дека има докази за сериозни злоупотреби во јавните претпријатија и порача дека нема да толерира злоупотреби на народни пари. Подготвен е со сите докази да оди во Обвинителство, затоа што секој треба да одговара.
„Тоа се лица кои со месеци, а некои и со години, земале плата, а не оделе на работа. Има таму и лица кои се наоѓаат во куќен притвор или се затвореници, а земале плата од Град Скопје. Има под интелектуални услуги активирано камиони со астрономски суми, исплата на физички лица кои наводно работеле за комунална хигиена. Денеска веќе нема такви договори“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски веднаш по преземање на функцијата отпушти, речиси, 500 луѓе од неколку јавни претпријатија. На тоа реагираше и поранешната градоначалничка Данела Арсовска која побара да ги објави сите избркани со име и презиме и го повика на ТВ дуел. Ѓорѓиевски, пак, одговори дека Агенцијата за заштита на лични податоци ќе одлучи дали идентитетите на отпуштените ќе бидат објавени јавно. На барањето на Арсовска за телевизиски дуел тој и порача да разговара со други институции, а не со него.
„Што се однесува на поранешни политичари кои имале шанса од граѓаните, а го потрошиле за апсолутно ништо мандатот, немам ништо да коментирам. Тие треба со други институции да комуницираат“, додаде Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски најави дека ќе се направи проверка на сите вработени и бројката на отпуштени се очекува да биде зголемена.
Тамара Марковска
