Вести Македонија Топ вести

Македонија со проектот „Безбедна и здрава работна средина“ ќе подобрува услови за работа и заштита на работниците

Трагедија на градилиште, работник повреден во фабрика. Од 22.000 надзори на трудовата инспекција во 2023 година, во половина биле утврдени нерегуларности. „Безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ е проектот преку кој надлежните со помош на ЕУ и ОН ќе работат на намалување на бројот на смртни случаи, повреди и заболувања на работното место, но и на зајакнување на законската рамка и инспекциските служби. Проектот, кој денесka беше промовиран, ќе трае до октомври 2028 година.

Безбедноста и здравјето при работа не е административна категорија, туку основно човеково право и показател колку општеството се грижи за својот човек, кажа во своето обраќање вицепремиерот Љупчо Димовски.

„Сосема отворено, мораме да признаеме, состојбата со безбедноста и здравјето при работа во Македонија сè уште не е на нивото на кое тежнееме. Податоците покажуваат дека бројот на повреди на работа и понатаму е висок, а системите за управување со ризици не се доволно распространети, особено во малите и средни претпријатија“, изјави вицепремиерот Љупчо Димовски. 

Статистиките покажуваат дека во секторите како градежништво, земјоделството, транспортот и преработувачката индустрија, несреќите при работа и професионалните заболувања се сериозен проблем, нагласи министерот за економија Бесар Дурмиши и додаде дека превенцијата е најдобра инвестиција во луѓето, компаниите економијата и конкурентноста.

„Зборуваме за човечки животи. Семејства кои страдаат и човечки потенцијал што се губи. Затоа нашата цел како институции е јасна. Да изградиме систем кој не реагира само по настан, туку предвидува, спречува и штити. Систем базиран на податоци и партнерство“, рече министерот за економија, Бесар Дурмиши. 

За Европската Унија, безбедноста и здравјето на работниците е важно како и економскиот раст, а со овој проект Македонија ќе ги исполни нотираните препораки во последниот извештај.

„Последниот извештај за напредокот на земјата даде неколку препораки за државата на ова поле. Ќе наведам неколку. Да се зајакне трудовиот инспекторат, да се создаде систем за следење на повредите и смртните случаи на работно место, да се охрабри и поттикне подобар социјален дијалог меѓу работодавачите и работниците. Проектот кој почнува денеска ќе се сосредоточи токму на овие препораки“, вели Александру Албу, советник на Делегација на ЕУ.

Со проектот е предвидено до 2028 година да биде усвоена национална стратегија, модернизиран инспекциски систем, оперативна платформа со реално временски податоци, цврсто партнерство меѓу Владата, работодавачите и работниците и подобра превенција.

Статистиката покажува дека во 2023 во ЕУ имало над 3.000 смртни случаи на работно место, а во светот просечната стапка на смртност е 1,3 на 100.000 работници додека во Македонија таа стапка е повисока.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

За една година се издале 27 милиони рецепти што е зголемување за 8% – најмногу се трошат лекови за шеќер, желудник и за смирување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе