Педесет и три годишниот жител на Богданци, Никола Тимев, им подлегнал на повредите нанесени од неговиот 55 годишен пријател од Дојран. Настанот се случил во саботата попладнето. Полицијата соопшти дека Тилев починал во гевгелиската болница, а основното јавно обвинителство случајот го карактеризира како убиство. Гевгелиското основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка за сторено кривично дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението, обвинителството наведува дека осомничениот на први ноември попладнето, во блинина на угосителски објект со умисла го убил Тимев. Двајцата претходно заедно седеле на скалите и пиеле, но во еден момент меѓу нив настанала расправија која преминала во физичка пресметка.
- Осомничениот најпрво го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на раце, нозе и на черепот. Од ударите кои траеле речиси половина час, оштетениот не успеал да се одбрани и се здобил со тешки телесни повреди и обилно крварење, а осомничениот го оставил на скалите и побегнал.
Повредениот го забележале случајни минувачи. Повикале итна медицинска помош и го пренеле во Општата болница во Гегелија, каде починал од здобиените повреди. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ја попречува постапката со влијание врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истрагата.
Сузана Мицева
