Српската музичка ѕвезда Светлана Цеца Ражњатовиќ се најде во непријатна ситуација за време на синоќешниот концерт во спортската сала „Гемиџии“ во Велес кој траеше околу два часа. Во еден момент од публиката ѝ беше дофрлено знаме на Бугарија на сцената, со напис на српски јазик „Цецо, Бугарија те сака“, кое го зема и го наметна на себе. Тоа предизвика бурни реакции во јавноста, негодувања меѓу присутните кои го исвиркаа таквиот нејзин потег, а некои во знак на револт го напуштиле концертот кој, според организаторот, привлекол околу 5.000 луѓе.
Како што пренесуваат дел од локалните медиуми во Велес, знамето на Цеца го дофрлила нејзина верна обожавателка која дошла рано во салата и со букет црвени ружи уживала во настапот во првите редови. За да ја смири ситуацијата, популарната српска пејачка потоа го кренала и македонското знаме, но залудно, па мораше предвреме да го заврши настапот.
Според полицијата, за време и по концертот немало пријави за инциденти.
С.Д.
