Вести Најважни Свет

Една година од трагедијата во Нови Сад

Една година од трагедијата во Нови Сад која го втурна српското општество во немир и длабоки поделби и за која сè уште нема прецизна одговорност или казни. Денешниот комеморативен собир почна во 11:30 част на платото пред железничката станица во Нови Сад, со 16-минутен молк во почит на жртвите.

Масовни колони граѓани тргнаа денес околу 10:30 часот од 16 различни делови на Нови Сад кон железничката станица. Граѓаните се движеа во тишина, а на чело на секоја колона носеа венци и цвеќиња, како и црн транспарент со мотив на крошна и бројот 16. Колоните беа водени од трактори, а беа обезбедувани од сообраќајната полиција.

„Тука сме да им оддадеме почит и да ја изразиме нашата тага. Тоа е првата и најосновна цел на сè денеска. Да покажеме дека се чувствуваме исто како нив, дека сме паднале со тие семејства и со тие жртви. Ова општество страда, страда и длабоко е погодено“, вели Вера Јарамазовиќ, жителка на Суботица.

Присутните со поддршка за студентите и барање за правда и одговорност.

„Ова е тажно. Ова е ужасно, особено што сме во близина на ова злосторство и навистина се надеваме дека нешто вакво никогаш повеќе нема да се случи. И ние, како постара генерација, ги поддржуваме овие млади луѓе и мислиме дека треба да одат до крај, а ние сме зад нив“, рече Гордана Јеротијевиќ, жителка на Врбас.

Комеморативниот собир ќе трае цел ден, студентите повикаа на мир и разум и достоинствено оддавање на почит за жртвите.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со државно-политичкиот врв и граѓани беше во храмот Свети Сава во Белград, каде парастос отслужи Поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј. Вучиќ објави фотографија на Инстаграм на која пали свеќа и напиша дека помина една година од денот што „ја смени Србија засекогаш“ и испрати помирувачка порака за взаемна почит, достоинство и обединување.

Вчера претседателот Вучиќ, во обраќање до јавноста, за првпат ретерираше во ставовите и во тонот и им се извини на своите опоненти – студентите и нивните поддржувачи за неговите изјави кои честопати беа крајно сурови и далеку од политички коректни. Кажа дека го разбира бесот и тагата за трагедијата и дека српското општество е разнишано и зовриено. Нагласи дека клучна причина за бесот и револтот е што сè уште нема виновници и казни.

„Грешеа и тие кои насилно протестираа и оштетуваа имот, грешев и јас покажав бес и кажав работи за кои се каам“, кажа Вучиќ.

„Знам дека многумина се и понатаму лути и чувствуваат немоќ што не се лоцирани виновниците за тој ужасен настан, а камоли казнети. Не мора да нагласувам дека тоа и за мене е разочарувачки, иако таквите процеси се комплицирани и траат долго и во многу понапредни држави. Како што некои покажаа бес во некои моменти и самиот кажав некои работи за кои што ми е жал што ги изговорив, како за студентите, така за демонстрантите и други луѓе со кои не се согласував. Се извинувам поради тоа. Своите грешки не ги сфаќам со леснотија. Тие ме прогонуваат“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Студентите кратко му одговорија – „откажи се од тронот“

Пред Србија се многу предизвици. По санкциите врз НИС од САД, воведувањето на даноци од ЕУ и негативни извештаи од Европската комисија, сè посилна е линијата за предвремени избори. Гневот на студентите на почетокот беше крик против системот што го сметаа за корумпиран, репресивен и виновен за лошо извршените реновирања на железничката станица во Нови Сад. Мирните протести траеја со месеци, пред да ескалираат со многу насилство од двете страни.

Кај студентите се појави уште една струја и сè поголем број од нив бараат вонредни парламентарни избори, со цел да се создаде нова политичка структура. Тие што ја промовираа оваа идеја почнаа со неофицијално составување на листи – непартиски имиња, а голем дел од српското општество го поддржува ова барање и ги повикува сите опозициски партии да не учествуваат на изборите за да може кандидатските листи на студентите да имаат што поголем успех.

Претседателот Вучиќ и неговата СНС сè уште ги држи сите конци во своите раце, а неговиот рејтинг е неколкукратно повисок од најблискиот опозиционер, но тој одбива да ги распише предвремените избори.

Вчера Високиот суд во Белград го потврди обвинението на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата против раководителот на Инфраструктура на српските железници и двајца членови на Комисијата за техничка инспекција на железничката станица во Нови Сад.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не е здраво, ниту е европски да имате политичар кој со години е на функција – рече министерот за здравство кој може да биде опфатен со владината реконструкција

Дејан Дејан

„Волстрит џурнал“: САД размислуваат за преместување на базите од Персискиот Залив, опција е Израел, сакаат да бидат надвор од дострел на иранските проектили

Sasko Dimovski

Во возило на кочаначенец најдени 1800 парчиња брендирана облека – шверцувал маички, дуксери, тренерки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе