Условна казна од две години затвор кои нема да ги издржи ако пет години не стори кривично дeло и три години да биде под пробациски мерки доби Реџеп Нуредин, обвинет за насилство над градоначалничката Данела Арсовска. Ваквата пресуда следува откако денеска призна вина.
Според обивнението, на 11 јули грубо ја навредувал, ѝ се заканувал и ја загрозил сигурноста додека била на увид во Чаир по пријава за дивоградба. Тој прво започнал расправија со полицајците, а потоа се упатил кон Арсовска со подигната лева рака, но полицајците спречиле да дојде до контакт.
Арсовска од судницата излезе со солзи во очите и не даде изјава, но кусо објасни дека чувствува олеснување поради тоа што обвинетиот признал вина.
„Обвинетиот Реџеп Нуредини денеска на главната расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно-правно побарување, што помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот. Во случајот постојат навистина олеснителни околности. Не само извинувањето, каењето за стореното од страна на обвинетиот, меѓутоа и ветувањето дека ќе се чува од такви испади во иднина. Очигледен беше неговиот придонес за ефикасно завршување на оваа кривична постапка“, изјави адвокатот Насер Рауфи.
Ова е втора пресуда за инцидентот од 11 јули кога Арсовска беше нападната. Претходно за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје и на истата локација првостепена затворска казна од две години доби Сулејман Љамалари, познат и како командант Барути. Според обвинението, Љамалари ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани. Тој негираше вина. Тврдеше дека тој бил нападнат од неа.
Елена Ивановска Мукоска
