Доаѓа од приватниот сектор, дипломирал менаџмент, а во својата биографија навел дека има искуство на проекти во здружение за заштита и унапредување на животната средина. Александар Јовановски е новиот вршител на должност во „Комунална хигиена Скопје“, откако неговиот претходник заврши зад решетки. Тој доаѓа со цел да воспостави ред во претпријатието кое е одговорно за собирање на сметот, проблем кој трае со недели и повеќе.
„Сметам дека нема да се соочам со никакви проблеми. Јас не сум политички определен и се што ќе работам ќе биде во интерес на граѓаните. Политика не би терал, затоа што ниту сум политички определен, ниту пак така сум ставен на оваа функција“ изјави за ТВ Телма Александар Јовановски, директор на ЈП „Комунална хигиена“.
Претходно од Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ побараа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска итно да назначи директор, бидејќи стравуваат дека резервите на нафта се при крај, а и нивните плати се во ризик.
„Во моментов се при крај резервите на нафта за возилата кои го собираат отпадот, а без потпис од в.д. директор не може да се набави нова количина. Доколку итно не назначите директор, одговорноста за состојбата со хигиената во градот е ваша“, стои во соопштението од Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Последниов период градот се соочува со отежнато собирање на сметот. Контејнерите насекаде се преполни, ѓубрето на некои места не се собираше дури и со недели. Граѓаните, пак, секојдневно се жалат дека оваа ситуација е неиздржлива и дека стравуваат од заразни болести, на што предупредија и лекарите.
Тамара Марковска
