Зголемен број на заболени од грип во споредба со минатата сезона, но помалку во однос на минатата недела, бележи последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според епидемиолозите, сè уште е рано да се каже каква сезона нѐ очекува. Пикот на грипот се очекува крајот на јануари до средината на февруари.
Се зголемува бројот на заболени од грип во споредба со истиот период лани, но помалку случаи во однос на претходната недела. Според извештајот на ИЈЗ, најголем број случаи се регистрирани во Гостивар – 20, Куманово – 15, во Прилеп – 7, Радовиш и Тетово – по 5. Се очекува во текот на сезоната да расте бројот на заболени.
„Во текот на последната недела се регистрирани 56 заболени лица со грип, односно тоа се лица со клиничка слика на грип или на заболување кое што личи на грип. Вкупно во сезоната имаме 244 заболени, зборуваме за мали бројки, да процентуално е тоа зголемување како што кажавте за 63% , но сепак е поголемо и од просекот и од минатата сезона, но не е значително зголемување“, изјави д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија во ИЈЗ.
Се очекува пикот на грипот да биде крајот на јануари до средината на февруари. Засега не може да се каже каква сезона нѐ очекува, смета д-р Кочински.
„Сè уште немаме истестиран позитивен пациент, имаме досега 110 материјали во нашата лабораторија. Значи ние сме опремени со реагенси и луѓето може да се тестираат паралелно и за грип и за Ковид-19, немаме досега позитивен за грип, така што засега не би можеле да кажеме каква ќе биде клиничката слика или бројот на заболени во текот на сезоната. Ковид-19 е сè уште присутен како болест. Од 33-та до 38-та недела оваа сезона имавме како еден вид на пик на заболувања од Ковид-19, иако тука морам да напоменам дека се работи за многу мал број на тестирани лица од ова заболување, сепак регистриравме поголем број на позитивност“, објаснува д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје.
Засега вакцината против сезонски грип е најефективна мерка за превенција и се препорачува кај ранливите категории на граѓани – возрасните лица над 65 години, хронично болните без оглед на возраста, бремените жени, децата од 6 месеци до пет години и здравствените работници.
Досега согласно извештајот на ИЈЗ се аплицирани околу 32.000 дози на вакцини низ целата држава, додека во пунктот на ИЈЗ во Скопје и на терен каде што се нивните тимови до овој момент се вакцинирале 750 здравствени работници.
Според лекарите, загрижувачки е фактот дека интересот за оваа вакцинација е стандардно низок кај бремените жени и децата и повторно ги повикаа да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk .
Нина Стефанова
Дигитална обработка: Т.Д.
